Сведоштва на измамени: Ни денар не зедовме од „Допир“
Деца болни од церебрална парализа и Даунов синдром, кои се надевале дека ќе им помогне фондацијата „Допир“, чиј основач е Миле Шулевски, односно ќе собере пари за да заминат и да се излекуваат во странство, останале без ниту еден денар помош од фондацијата и добиле само загубено скапоцено време. Според сведоштвата на дел од измамените деца и нивните родители, Шулевски сам ги наоѓал жртвите и ги користел нивните слики на фан-страницата на неговата фондација. Сите слики на децата не биле лажни, имало деца што навистина ја чекале неговата помош, но не ја добиле.
Сејхан Фера Шабани е мајка на дете со Даунов синдром, кое имало проблеми со колената и требало да се оперира во странство. Во изјава за „Независен весник“ вели дека кај Шулевски ја упатила нејзина пријателка, но со фондацијата не потпишала никаков договор. Кога се виделе, Шулевски ја убедувал дека ќе ѝ најде лекар и дека ќе се соберат пари за да се лекува во Белград. Пред нејзини очи дури и зборувал со лекар од Словенија и се распрашувал каде е подобро да се изврши операција, дали во Словенија или во Белград.
Сликата на нејзиното дете стоела на страницата „Допир“, но по извесно време ја снемало. Мајката веднаш почнала да се распрашува зошто е тргната сликата, но Шулевски ја убедувал дека има технички проблеми и дека ќе ја врати. Во полиција, пак, рекол дека донацијата за ова дете ја прекинале бидејќи заклучиле дека живее луксузно.
Другата жртва, Лидија Стојановска, чиј син боледува од церебрална парализа, Шулевски ја нашол сам. Ѝ се јавил на мајката и ѝ побарал слика од детето која ќе стои за да се соберат побрзо пари за операцијата што требало да биде извршена во Параќин, Србија. Но и дваесетгодишниот Мики Стојановски не добил ниту денар од оваа фондација.
„Првите четири-пет дена пишуваше дека има собрано 13.100 денари и стоеше таа цифра. Парите на пријателки кои донираа по сто евра ниту завршија на сметката наменета за моето дете ниту во вкупните заеднички пари за сите деца. Никакви средства, ни еден денар немам земено од фондацијата. Како може да се покажува слика на дете кое треба да се оперира, а денар да не му се даде“, ни изјави Стојановска. И двете мајки не потпишале никаков договор со Шулевски и немале ништо црно на бело.
Случајот го обелодени Министерството за внатрешни работи, кое во неделата поднесе кривична пријава против Шулевски и неговата сестра за компјутерска измама. За децата што никогаш не ги добиле собраните средства, но и лажните слики од деца што страдаат од тешка и ретка болест донирале стотици граѓани, но и фирми. Парите се донирале само на жиро-сметки и немало никакви телефонски броеви за донација бидејќи за да се обезбедат овие линии треба да се достави медицинска документација за болеста. Засега Управата за јавни приходи не соопштува дали биле контролирани жиро-сметките на фондацијата и велат дека сите информации ќе ги достават до истражните органи.
Во една од објавите на фондацијата „Допир“ се вели дека чекаат да бидат отворени донаторски броеви и уплатите да се вршат со картичка или на жиро-сметка на фондацијата. На измамените им било ветувано дека парите ќе бидат уплатени директно во болниците и нема да им ги даваат на рака.
Страницата „Биди хуман“ ја формирале двајцата партнери најверојатно по примерот на српската фондација „budihuman.rs“, која нема никаква врска со измамничката фондација и која собира средства и за деца и за возрасни кои треба да се оперираат во странство.
„Независен весник“ успеа да стапи во контакт со осомничениот, но кога слушна дека контактира со новинар, само кратко рече дека нема коментар и го прекина телефонскиот повик
Ѓорѓи Димовски, кој е овластен застапник на Граѓанската иницијатива „5 до 12“, мрежа на здруженија на граѓани и родители на деца и лица со различни попречености објави дека нивни членови и претставници биле злоупотребени. Димовски вели дека ќе се жалат и до Народен правобранител и ќе бараат од власта системско и стратегиско решени за контрола на ваквите фондации кои собираат пари за деца на кои им е потребна помош.
Од Македонската банкарска асоцијација велат банката не може да контролира каде одат парите на нивните клиенти.
„Сметките се отвораат според регулативата, инаку банката не би отворила жиро-сметка. Во овој случај тие лажирале случаи и уплаќале пари на сметка која е регуларно отворена од правно лице кое прибира средства. Сепак, банката не може да контролира каде завршиле парите, таа работи по налог на клиентот, односно по инструкции добиени од нив“, велат од Асоцијацијата.
Истрагата сега ја води скопското јавно обвинителство и сметките на фондацијата се замрзнати. За осомничените не се бара притвор бидејќи се обезбедени сите писмени докази, а парите се замрзнати.
„Од направените проверки по издадените наредби од јавен обвинител и од судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1, обезбедени се материјални докази во предметот. Исто така, направен е претрес во деловните простории на правното лице од каде што се обезбедени релевантни писмени докази. Со решение на судијата на претходна постапка замрзнати се парични средства на повеќе сметки на правното лице. Кривичната пријава веднаш е распоредена кај надлежен јавен обвинител кој ќе постапува по неа и ќе ги преземе сите потребни дејствија за утврдување на фактите и за обезбедување вербални докази“, велат од Обвинителството.
Министерството за внатрешни работи откри дека братот и сестрата од Скопје собрале речиси 60.000 евра од донации кои наместо за хуманитарни цели си ги потрошиле за свои потреби.
Тие ја формирале фондација „Допир“ и креирале веб-страница bidihumansega.mk која активно собирала пари за помош на деца со посебни потреби и ретки болести. Веб-страницата ја регистрирал Миле Шулевски, кој бил и претседател на фондацијата.
Фросина Факова-Серафиновиќ