Сведок на обвинителството во случај против Нетанјаху, и неговата сопруга загинаа во несреќата кај грчкиот остров Самос


Израел – Израелски медиуми објавија денеска дека двете лица кои загинаа во авионската несреќа во близина на грчкиот остров Самос, се Хаим Гарон и неговата сопруга Ести. Според „Тајмс оф Израел“, Хаим Гарон беше заменик шеф на израелското Министерство за комуникации и сведок во случајот за корупција против поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху.

На Нетанјаху му се суди во три случаи за корупција познати како Случај 1000, Случај 2000 и Случај 4000. Во случај 4000, кој е најсериозен од трите, Нетанјаху се сомничи дека ги злоупотребил своите овластувања додека бил премиер и министер за комуникации од 2014 до 2017 година.

Во мај 2020 година, Гарон, адвокат по образование, зборуваше за Радио 103ФМ околу сведочењето што го даде на судењето против Нетанјаху и рече дека тоа е поврзано со развојот на оптичката инфраструктура, комуникациската индустрија и телефонските услуги во земјата. На прашањето дали некогаш бил сведок на каква било криминална активност во Министерството, Гарон одговори дека „судот е единствениот што може да утврди дали нешто е криминално или не“.

Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција соопшти дека приватниот авион „Цесна Ц182“ со двајца патници полетал вчера од израелскиот град Хаифа, а според доставениот план за летање требало кусо по 20 часот да слета на аеродромот на Самос, но непосредно пред слетувањето се загубила комуникацијата со контролата на летање и веднаш бил информиран Центарот за истрага и спасување.

Надлежните органи започнале спасувачка акција во морскиот дел јужно од аеродромот на островот за пронаоѓање на авионот и патниците, а крајбрежната служба ги пронашла и извлекла двете безживотни тела.