Сведоците во „Титаник“ ја открија шемата за фиктивните донации за ВМРО-ДПМНЕ


Илустрација

Како луѓето чии имиња биле на уплатниците за донации разбрале дека се злоупотребени од партијата

 

Петмина сведоци, пет слични приказни денеска се слушнаа во судницата за време на процесот за случајот „Титаник“ за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Обвинителството се обидува да докаже дека имињата на уплатниците биле ставани според одредени списоци, а за тоа не знаеле ништо личностите кои, наводно, сами донирале пари за партијата.

Еден од тие сведоци беше и Даниела Груевска, која работи во основно училиште во скопско Зелениково. Таа во сведочењето соопшти дека разбрала оти донирала 60.000 денари за партијата дури откако била повикана од СЈО како сведок.

Ниту сум уплатила, ниту сум му дала пари на некое друго лице да уплати место мене – одговараше Груевска на прашањата на обвинителката Лиле Стефанова.

Адвокатите преку испрашувањата се обидоа да ја пренасочат приказната на Груевска кон нејзиниот политички активизам, кога во 2011 година била секретар на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и од неа бараа одговори дали учествувала во проекти пред да се вработи во 2015 година. По кратките вкрстени прашања од адвокатите, кои очигледно не беа задоволни од нејзините одговори, тие ја прогласија Груевска како непријателски сведок. Иако претходно ја предложија Груевска за нивен сведок.

Сличен беше исказот и на Наталија Галева од Струмица. Стефанова ѝ ги постави истите прашања како и на Груевска. И таа одговори речиси исто како претходниот сведок – дека никогаш не донирала 60.000 денари за партијата и дека се зачудила кога се видела на списокот на донатори кои беше објавен за време на истрагата на СЈО.

Приказната на Стојанчо Арсов од Кочани беше малку поинаква, но со слична суштина. Тој изјави дека видел уплатница на која била напишано неговото име и податоци, дека се потпишал, но дека не бил напишан износот кој се уплаќа. Арсов изјави дека бил повикан од Бети Кузмановска, која му рекла дека парите ќе биле наменети за партиска членарина. Тој е свесен дека потпишување на празна уплатница е ризик, но дека не се сомневал дека ќе биде злоупотребен, и тоа од партијата.

И Ѕвонко Митров од Кочани одговори дека никогаш не уплатил пари за партијата, ниту пак му кажал на некој друг да го направи тоа во негово име. Митров во СЈО ја видел уплатницата во која биле наведени неговото име, матичниот број, целта на дознаката и сумата, но тие биле напишани со туѓ ракопис. Тој одговори дека на еден член на општинскиот огранок на партијата му давал пари за членарина, но дека тоа никогаш не го направил со уплатница во банка. Единствено добивал ливче „каса прими“. Тој рече дека повеќето донации што ги направил за партијата заедно биле поголеми од 60.000 денари.

Системот „каса прими“ го потврди и цариникот Горан Крстевски, кој работи на граничниот премин Табановце. И тој давал во кеш донации за ВМРО-ДПМНЕ (400, 500 па и илјада денари месечно), но тоа никогаш не го направил преку уплатница во банка.

Во обвинението што го покрена СЈО се наведува дека во 2011 година и 2013 година преку неколку стотици фиктивни уплатници ВМРО-ДПМНЕ била нелегално  финансирана, а за тоа се обвинети повеќе тогашни и сегашни функционери на партијата. Меѓу нив се Никола Груевски, Билјана Бришковска, Илија Димовски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Мартин Протуѓер и повеќе други. (Н.В.)