Сведочи тетката на Вања, вели дека таткото се однесувал како да се работи за организирано грабнување


Фото: Б. Грданоски

На денешното судење за двојното убиство на Вања и Панче, сведочеше Маја Спировска, прва братучетка на Зорица, мајката на Вања.

Таа вели дека сите биле во паника, сите ја барале Вања, колешки на Зорица, инспектори…

Гледале снимки, од кои констатирале дека е земена од пред врата, бидејќи на ниту една снимка не се гледало дека таа излегла од зградата.

Кога го здогледале „ситроенот“ и поврзале дека е на Панче од Велес, кој се бара преку Фејсбук, помислиле дека тој можеби е некој педофил, со кого Вања можеби контактирала и дека можеби тој ја однел.

Сомничеле и друг човек кој стоел и чекал, за подоцна да се качи во „бе-ем-ве“ и да замине.

Но, тогаш не им било јасно дека станува збор за организирано грабнување.

Сепак смета дека од почеток таткото на Вања се однесувал како да била организирано грабната, па во еден момент ѐ рекол: „Прати порака на Елион Маск да ја најде преку сателит”.

Тетката на Вања потврди едно од претходните сведочења, дека таткото пратил, па избришал порака од вибер-групата на родители преку која понудил пари за откуп.

Досегашните сведочења, меѓу кои и на полициските инспектори Музафер Каришиќ и Дејан Димовски, велат дека осомничениот Влатко Кешишев соработувал со полицијата и ги водел до местото каде е пронајдено телото на Вања. Според обвинението, првообвинетиот Љупчо Палевски, заедно со Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, го испланирале киднапирањето на Вања со цел да изнудат откуп, но наместо тоа, ја убиле девојката на брутален начин.

Презентирани се и докази за поврзаноста меѓу киднапирањата и движењето на возилото „ситроен“ на Панче, кое било искористено за киднапирање на Вања. Полицијата ги поврзала обвинетите и со движењето на возилото на партијата Десна.

Сведочењата открија детали за начинот на киднапирање и убиствата. Обвинетите ги врзале рацете и нозете на Вања, а потоа ја однеле до претходно ископана дупка, каде што е извршено убиството со истрел во главата.

Сите обвинети се изјаснија дека се невини, а процесот ќе продолжи со дополнителни сослушувања и презентирање на докази.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.