Свечености во пресрет на одбележувањето на Денот на Армијата

Фото: Б. Грданоски

Во пресрет на 18 Август – Денот на Армијата, пред зградата на Министерството за одбрана и Генералштабот во Скопје, како и во командите и единиците во касарните низ државата, денеска со свечени церемонии се одбележа празникот на Армијата.

На свечениот собир на вработените во Министерството за одбрана и Генералштабот, присуствуваа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, заменикот на министерот за одбрана Беким Максути, заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар Драган Николиќ, претставници на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, воени аташа акредитирани во Република Северна Македонија и други гости.

Во обраќањето пред присутните на денешната прослава во МО и ГШ на Армијата, генералот Ѓурчиновски истакна дека во изминатата година, се реализирани сите планирани задачи.

Како што соопшти ГШ на Армијата, Ѓурчиновски најавил дека во периодот кој претстои, ќе се продолжи со спроведување на започнатите реформски процеси со поинтензивно темпо, со што ќе се исполнат очекувањата од државното раководство и од граѓаните кои несебично ни ја даваат довербата.

На денешната свеченост во Генералштабот и командите и единиците по повод Денот на Армијата беа соопштени наредби за унапредувања, а беа врачени и плакети, значки, благодарници и други стимулативни мерки за припадниците на Армијата и организации кои придонеле за развојот на МО и Армијата.

Во командите и единиците на Армијата беа организирани и тактичко технички зборови на кои поканетите гости имаа можност да се запознаат со дел од оружјето, опремата и средставата со кои располагаат единиците.

Во рамки на свеченоста, делегации предводени од министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на генералштабот Ѓурчиновски и претставници од семејствата на загинатите бранители положија свежо цвеќе пред спомен обележјето на загинатите бранители пред МО, додека во касарните делегации положија свежо цвеќе пред бистите на народните херои чии имиња ги носат касарните.

Исто така, во текот на денот од страна на делегации од кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Министерството за одбрана и Генералштабот со воени почести положија венци со свежо цвеќе на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, на поранешниот претседател Киро Клигоров, како и на гробот на генерал Михаило Апостолски.

Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се одржи в недела на 18 август во Центарот за Обука на вода во Охрид, на која ќе присуствува највисокиот воен и државен врв, а пред присутните ќе се обратат претседателот и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.