Свечено отворен новиот прајмклас бизнис-салон на Меѓународниот аеродром Скопје


Меѓународниот аеродром во Скопје, денеска свечено го отвори реномираниот „primeclass“ бизнис-салон, управуван од ТАВ Оперативни услуги, дел од ТАВ Аеродроми. На настанот присуствуваа министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, како и неколку директори на холдингот ТАВ Аеродроми, Гучлу Баткин, главен извршен директор на ТАВ оперативни услуги, Хакан Окер, главен извршен директор на човечки ресурси на ТАВ Аеродроми и Синан Ерем, главен и оперативен директор на ТАВ на опертивни услуги.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт изјави дека визијата на холдингот ТАВ Аеродроми, член на групацијата АДП, е да обезбеди опкружување од светска класа за патниците и гостите кои патуваат преку нивните аеродроми и да обезбедува сеопфатни интегрирани услуги во сите области на аеродромските операции, вклучувајќи ги и угустителските услуги на највисоко ниво.

-ТАВ оперативни услуги, како наша сестринска компанија работи со бизнис и ВИП салоните и услугите, таа е една од најбрзо растечките сестрински компании од холдингот ТАВ аеродроми, глобален бренд во секторот на врвни угостителски услуги. Сигурен сум дека ќе го видите нивното име додека патувате низ многу други аеродроми во светот, вели Курт.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, истакна дека бројот на патници кои ги искористиле услугите на Меѓународниот аеродром во Скопје, оваа година ќе достигне рекордно високо ниво.

-Се комплетира сликата на еден од најбрзо растечките аеродроми во регионот и сметам дека ова е начинот како да постигнеме најдобри услови и услуги за патниците кои патуваат преку нашите аеродроми. Бројот на патници оваа година ќе достигне рекордно високо ниво и нашето очекување е дека ќе допреме до бројката од 3 милиони патници оваа година. Сакам да ја искористам приликата и да ја најавам новата авиолинија, што ќе започне да оперира од аеродромот во Скопје, а тоа е линија Скопје-Салцбург, која што исто така е со поддршка од Владата преку субвенционираните авиолинии кои што ги воведовме. Верувам дека сето ова што го правиме придонесува за уште поголем раст и развој на авиосообраќајот во државата, рече Бочварски.

Главниот извршен директор на ТАВ оперативни услуги, Гучлу Баткин, дополни дека Скопје станува сѐ попривлечна дестинација и привлекува сѐ повеќе патници, а отворањето на новиот „primeclass“ бизнис-салон е извонреден додаток во портфолиото на услуги кои ги обезбедува Меѓународниот аеродром во Скопје, каде што патниците и гостите можат да уживаат или работат додека го чекаат својот лет.

-Оваа година Меѓународниот аеродром во Скопје бележи значителен раст на бројот на патници кои ги искористиле услугите на авиокомпанијата, затоа беше природно да посакаме да го подигнеме нивото на услуги што ги нуди „primeclass“ салонот во Скопје, заклучи Баткин.