Свечено одбележан Денот на независноста на Македонија во Загреб

Амбасадата на Република Македонија во Хрватска и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб во соработка со Кинотеката на Македонија, Советот на македонското национално малцинство на Град Загреб, и Македонската православна црква во Република Хрватска, свечено го одбележаа Денот на независноста на Република Македонија со што уште еднаш се потврди меката моќ на културната дипломатија во градењето мостови на пријателство и цврстите културните врски и проникнувања помеѓу Република Македонија и Република Хрватска.
На свеченото одбележување во Каптол Бутик Синема присуствуваа бројни високи претставници на државната власт, локалната самоуправа, дипломатски претставници на амбасадите акредитирани во Република Хрватска, државните институции, верски великодостојници, бројни Македонци и гости.
По изведбата на македонска химна од страна на реномираниот македонски пејач Давид Темелков на присутните со пригодни говори им се обратија Н.Е. Драган Ѓурчевски, амбасадор на Република Македонија во Република Хрватска, Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Армин Хоџиќ, пратеник во хрватското Собрание и претставник на престедателот на Парламентот на Република Хрватска, Гордан Јандроковиќ, протоереј-ставрофор Кирко Велински, свештеник на Македонската православна црква во Република Хрватска, Иринка Ангелов Попржан, претседателка на Советот на Македонското национално малцинство на Град Загреб и Зорица Велиновска, претставник на Македонското национално малцинство во Советот за национални малцинства на Република Хрватска. Беа испратени пораки за важноста на Денот на независноста како симбол на државноста, гордоста и единството на македонскиот народ, како и за придонесот на македонското национално малцинство во културниот и општествениот живот на Република Хрватска. Посебен акцент беше ставен на важноста на взаемната соработка и зачувувањето и унапредувањето на македонскиот национален идентитет, јазик, култура, религија и меѓукултурен дијалог.
Во рамките на прославата официјално беше отворен првиот патувачки ФЕСТИВАЛ НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ, со ексклузивна проекција на дигитално реставрираниот филмски опус на браќата Манаки – првите сниматели на Балканот. ФЕСТИВАЛ НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ во Хрватска е дел од Годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб, поддржана во рамките на Годишната програма за проекти од национален интерес на Македонското Министерство за култура и туризам.
Програмата на ФЕСТИВАЛОТ НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ – МАКЕДОНСКИ ФИЛМСКИ КЛАСИЦИ, како резултат на воспоставената соработка на македонскиот КИЦ во Загреб со „Хрватската мрежа на независни киноприкажувачи“, во текот на септември ќе биде прикажана низ 13 градови во Хрватска, носејќи ја македонската културна меморија до пошироката публика и потсетувајќи на заедничките културни нишки и проникнувања.
Во предвечерието на Денот на независноста како дел од богатата културна програма на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, беше отворена изложбата на Кинотеката на Македонија, „Македонски филмски плакат 1952–2022“. Присуствуваа бројни претставници на државни институции во Хрватска, истакнати Македонци и претставници на македонски институции и организации во Хрватска, дипломатскиот кор и филмски љубители.
На отворањето на изложбата директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски истакна дека публиката има ретка можност да види автентични плакати од антологиски македонски филмови, чии графички и ликовни решенија се вистински сведоци на културните и општествените промени, како и за развојот на филмот како уметност.
Изложбата ја отвори Амбасадорот на Република Македонија во Република Хрватска, Н.Е. Драган Ѓурчевски и упати благодарност до директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска и директорот на Кинотеката на Македонија, Бошко Грујоски, за извонредната организација на настанот.