Свечена академија по повод отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки


Фото: Б. Грданоски

Универзитетската клиника за хематологија денеска ќе одржи свечена академија по повод отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки, којшто беше пуштен во употреба пред две недели, соопшти Министерството за здравство.

На академијата во амфитеатарот на Деканатот на Медицинскиот факултет ќе се обратат министерот за здравство во техничката влада Илир Демири, директорите на Клиниката за хематологија д-р Ирина Пановска-Ставридис и Флутим Кадриу, претседателката на Лекарската комора и директорка на Клиниката за гастроентерохепатологија, д-р Калина Старделова-Гривчева, како и раководителката на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) и национална координаторка за трансплантација, д-р Маја Мојсова Мијовска.

Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки е сместен на целосно нов кат на површина од 800м2, донација од Амбасадата на Соединетите Американски Држави, кои финансиски ја подржаа изградбата со еден милион евра. Останатите средства се обезбедени од Фондот за здравствено осигурување со поддршка на Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија.