Свадба на годината во Мајорка: Надал ќе каже „да“ на тврдината Форталеза


Шпанија– На Мајорка во сабота е закажана свадбата на година во спортскиот свет. Шпанскиот тенисер Рафаел Надал (33) и неговата долгогодишна девојка Марија Франческа Перелјо (31), која во тамошна јавност позната како Чиска, ќе го изговорат судбоносното „да“. Церемонијата ќе се одржи на старата тврдина Форталеза“ која е проценета на 120 милиони евра.

И Надал и Чиска се родени на Мајорка. Ако за Надал е непотребно да се трошат зборови кој е, што е, што работи, тогаш површно претставување на неговата избраничка. Перелјо е по професија економистка и стратешка директорка во фондацијата на нејзиниот иден сопруг и во нивната 14 годишна врска даде само едно интервју. Двојката никогаш не се експонира во јавност, па затоа и прославата е планирана да мине во строга дискреција и со желба ништо да не заврши во медиуми.

За свадбената церемонија се креирани посебни правила од домаќините. Забрането е внесување на мобилни телефони на Форталеза за да нема објава на фотографии и видео снимки по социјалните мрежи. Сите гости до ексклузивната локација ќе бидат довезени со автобус преку единствениот пат што води до неа, а зборното место за поаѓање е Академијата на Надал во гратчето Манакор на 50 километри од тврдината.

„Се очекува да има околу 350 гости, а специфично е дека се забрнети мобилни телефони. Дамите се замолени да бидат облечени во долги вечерни тоалети. Меѓу гостите се очекуваат бројни познати фаци како колегите на Надал, Роџер Федерер, Фернандо Вердаско и Фелисијано Лопез, неговиот тренер Карлос Моја, кошаркарот По Гасол. пејачот Енрике Иглезијас, поранешниот шпанески селектор и менаџер на Реал М., а сега на Севилја, Хулен Лопетеги и други“, објавуваат медиумите на Пиринејскиот полуостров.

Свадбената церемонија наводно ќе чини 40.000 евра, сум во која, сепак, не се вклучени трошоците за ноќевање на гостите што се очекуваат од многу европски и светски дестинации. Сите компании кои се дел од организацијата на церемонијата, како ресторани и декоратери, мораа да потпишат договор за приватност за никакви детали да не завршат во јавноста.

„Надал има и барање до компанијата за обезбедување да оневозможи дронови над Форталеза за време на свадбената веселба. Дневното изнајмување на тврдината чини 25.000 евра, а посебна грижа се водеше и за готвачите, па меѓу ангажираните има дел што работат и за кралското семејство. На тврдината во сабота се очекуваат и поранешниот шпански крал Хуан Карлос со сопругата Софија“, додаваат медиумите во Шпанија.

Венчавката на двојката ќе ја води свештеникот Бартомеу Катала кој откри како ќе изгледа церемонијата.

„Ќе биде едноставно, лично и интимно во присуство на луѓе кои ги почитуваат и сакаат Рафа и Чиска“, истакна Катала.

Два дена по венчавката, Надал ќе замине кон Нур Султан во Казахстан каде на 24 октомври ќе одигра хуманитарен меч со Новак Ѓоковиќ.