Сузана Турунџиева за „Независен“: Станав пи-ар и маркетинг експерт


Таа не е жена, таа е чудо, велат за неа блиските и пријателите. Малку и се 24 часа за сите активности на работа и дома, во јавноста и на приватен план.
Големите промени на личен, на професионален, а особено на духовен план, продолжуваат и годинава за Сузана Турунџиева (49). Професионалното портфолио како амбасадор за грижа со ВИП-клиенти во приватна фирма и како водител на забавно-контактната емисија „Недела во три“, сега е збогатено со ново работно место- пи-ар на Европскиот универзитет и раководител на одделението за маркетинг. Во тоа својство, ја сретнавме на Моден викенд-Скопје, каде дојде со помалата ќерка Матеа.
Приватно – батериите ги полни со семејството и со дружењето со внукот Јаков од ќерка си Лора и зетот Филип.


-Како жена која никогаш не можела и не сакала да „дреме“ во комфорната зона, да живее рутински и планирано, и да биде исполнета и задоволна со вообичаени (обични) нешта, така и сега, во пресрет на мојот 50. Роденден, сосема спонтано почувствував дека е повторно време да се втурнам во нови предизвици, во нова професионална мисија, и да го послушам внатрешниот глас кој веќе подолго време ми велеше дека е време за нов чекор, нов предизвик и ново професионално искуство кое не беше воопшто планирано.
Затоа од светот на часовниците, каде поминав 16 прекрасни месеци, полни со предизвици и усвојување на нови лекции од област за која не знаев речиси ништо одлучив да се втурнам во еден нов професионален предизвик и да ја прифатам понудата на Европскиот универзитет кој имаше потреба од лице со големо медиумско искуство и познавање во маркетинг област. Така да мојата нова работна позиција е пи-ар на Европскиот универзитет и раководител на одделението за маркетинг. За ова мое ново работно место бескрајно сум и благодарна на ректорката на Европски универзитет Јана Манева Чупоска, со која случајно го начнавме разговорот и така всушност дознав дека имаат потреба од таква личност, вели Турунџиева.


Работниот ден и е исполнет од првата до последната минута на новото работно место.
-Да бидеш ангажиран во првиот и најстар приватен универзитет во земјава е голем предизвик и причина повеќе да придонесам колку што можам повеќе во афирмација на Европски универзитет, како и поквалитетни и подостапни информации за нас како универзитет до сите млади луѓе ширум светот кои сакаат да се здобијат со квалитетно високо образование (во многу области) и да се стекнат со меѓународна диплома која е призната во целиот свет.
Сега конечно чувствувам дека сум на „терен“ кој многу подобро го познавам, затоа што образованието е нешто со кое и ја започнав мојата професионална кариера. Поточно, моето прво вработување во 1993 година беше како професор по соло пеење во средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“. Тие 7 години беа едни од најубавите во мојот живот.
Сега историјата ѝ се повторува, но на едно многу повисоко ниво.
-На универзитетот имаме толку многу активности, мотивирачки предавања со домашни и странски авторитети, што ми дава за право да се чувствувам младо, полетно, и задоволно, речиси исто како во годините кога бев студентка на ФМУ. А кога на тоа ќе ги додадам и бесплатните часови по јога и кикбокс кои ги имаме секој петок, пред крај на работното време, тогаш ви е сосема јасно зошто сум препородена на новото работно место, раскажува Сузана.
А за раѓањето на внукот Јаков…
-Што да ви расправам… Таква љубов и милина досега навистина никогаш немав почувствувано и со право ќе речам дека конечно ми се случи најголемиот фраер во мојот живот. Љубов за која вреди да се живее! Ете тоа ми се случи оваа зима…
Во моето семејство со години не пратеа некои трагедии, загуби, несреќи и сл, но одлуката на мојата ќерка Лора да влезе толку млада во брак, направи пресврт во нашите животи. Се појави Филип The Great – како што го викам јас (мојот зет) и секоја наша грижа, солза и тежина ја замени со насмевки, љубов и надеж во поубаво утре за сите. Така ни се случи и Јаков – сонцето на мојот живот. Светилник – кој ја осветли целата планета. Му благодарам на животот што најдобрите луѓе и ситуации ми ги остави за во второто полувреме од животот, ни изјави Турунџиева.

Лејла Сабит   Фото: Борис Грданоски