Суспендирано извршувањето на казната од 110 милиони евра што Албанија требаше да му ја плати на Бечети


Меѓународниот арбитражен суд во Вашингтон го суспендираше извршувањето на казната од 110 милиони евра против Албанија во врска со конфликтот со италијанскиот бизнисмен Франческо Бечети, бидејќи случајот може да се преразгледа.

Суспензијата на паричната казна дојде откако албанската Влада ја обжали одлуката, со која земјата беше казнета со највисока казна во историјата на албанската држава.

– На 24 април Меѓународниот арбитражен суд за инвестициски конфликти(ИЦСИД), ја казни Албанија со 110 милиони евра за конфликтот со италијанскиот бизнисмен Франческо Бечети. Но, иако пресудата е конечна, Судот, кој е дел од Светска банка, дозволува жалба кога ќе се исполнат одредени услови. Ова беше механизмот што го искористи албанската Влада да побара да се поништи одлуката и да се укине казната, јави тиранската телевизија „Топ чанел“.

Според судското соопштение, албанската Влада го сменила и правниот застапник во случајот. Во првото судење Албанија ја застапуваа четворица британски адвокати, овој пат тоа ќе биде американското правно студио„Фолеј Хог“, едно од најпознатите во светот за одбрана на државите во судски спорови.

Првпат на Албанија да и се усвои жалба на конечна одлука во Меѓународниот арбитражен суд за инвестициски конфликти. По овој чекор на судот, се очекува тој да формира комисија од тројца судии кои не учествувале на првото судење. Комисијата треба да одлучи дали ќе ја остави во сила или ќе ја укине казната.

Отштетата што Албанија треба да му ја плати на италијанскиот бизнисмен е еквивалентна на социјалната помош за три години што им се дава на најранливите категории граѓани во Албанија или еден процент од БДП на земјата.

Бизнисменот Бечети, албанските власти го товареа дека наводно испрал 39 милиони евра во Албанија, за што Обвинителството во јуни 2015 година поднесе обвинение. Налогот за негово апсење не се реализира бидејќи тој не беше во Албанија. Во меѓувреме, заедно со телевизијата „Агон чанел“, му беа запленети четири други компании во негова или сопственост на неговата мајка. Компаниите во рок од осум години, според Обвинителството, меѓу себе си префрлале милионски суми пари.

Обвинителството тогаш потврди дека истрагата започнала во 2014 година за кривични дела перење пари, затајување данок и фалсификување документи