Суспендирана вработена во МВР која земала пари „на рака“


Денеска беше поднесена кривична пријава против Н.Л. вработена во Отсек за управни работи Штип за Виница поради „проневера во служба“.

– Н.Л. во својство на службено лице кое врши работи од јавен интерес, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, во периодот од јануари – мај 2023 година, во повеќе наврати присвоила пари доверени во службата, така што барала од граѓаните – баратели на услуги за издавање на лични документи, да ѝ дадат пари на рака при поднесување на барање за издавање патна исправа и лична карта, под изговор дека можноста за плаќање на пос – терминалот со платежна картичка во моментот не е во функција. Притоа, таа го искористувала нивното непознавање на законските прописи во МВР, а доверените пари си ги присвојувала, стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 600.000 денари, на штета на буџетот на РСМ, соопшти МВР.

Вработената ќе биде суспендирана од работното место до завршување на дисциплинската постапка.