Сушата им го „обра“ родот на земјоделците


Посевите се наводнуваат, но влагата во почвата секој ден се губи сѐ повеќе

Ако потрае сушата уште десетина дена Асоцијацијата на земјоделци ќе бара прогласување на елементарна непогода

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Како ќе се преживее годината, сушата ни го „обра“ родот, се жалат македонските земјоделци, откако сушата и високите температури оваа лето направија големи штети по нивите. Од Асоцијацијата на земјоделци на Македонија велат дека ако потрае сушата во наредните 10 дена од Министерството за земјоделство ќе бараат прогласување на елементарна непогода.

Деновиве, на сушата и последиците од неа алармираа и агрометеоролозите, кои истакнаа дека високите температури во текот на изминатите денови придонесоа да има поизразено губење на почвената влага, која се движи 6 до 7 милиметри на ден.

„Родот е десткуван. Покрај ниските откупни цени, покрај несигурниот откуп на земјоделското производство, ненавремената и задоцнета исплата на субвенциите, земјоделците имаат уште еден проблем – тоа се климатските промени и сушата  која ја зафати Македонија ова лето. Незапамтено високи температури кои траат со денови ова лето ќе го преполоват родот. Ако од еден декар наводнувана земјоделска површина може да се добие и до 400 килограми тутун, без наводнување на истата површина само 80 килограми тутун“, се пожали Игор Мирчески земјоделец од Пелагонија.

Од Асоцијацијата на земјоделци на Макдеонија велат дека сушата ова лето го направи нерентабилно земјоделското производство, дека без врнежи и влага во почвата настрадаа многу земјоделски култури.

„Ако потрае сушата и неповолната временска состојба како Асоцијација ќе побараме прогласување на елементарна непогода. Најмногу погодени се регионите во источниот дел на државата, како и прилепскиот и битолскиот регион. Во тутунопроизводството и кај пролетните култури (пиперот, кромидот, лукот…) поради целата ситуација нема да имаме рентабилност кај производството, последиците ќе бидат големи посебно кај тутунот. Бевме во Радовиш кај тутунопроизводител кој се пожали дека ако лани имал 100 низи тутун, оваа година има само 20 низи, значи 80 проценти е намалено неговото производство, или наместо 1 тон тутун, тутунарот добива 200 кг род, што е страшно“, изјави Петре Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци за „Зелена берза“. 

Сушата кај пченицата ги намали приносите за најмалку 30 проценти, пресмета Стојкоски. Така, ако од 1 хектар се очекуваше 3 тони пченица, оваа година даде до 2,1 тони пченица.

Според Стојкоски, како Асоцијација, од државата ќе бараат ослободување од плаќање на земјоделците од сите давачки поврзани со земјоделското производство.

„Од МЗШВ ќе бараме не обесшетување, туку ослободување од плаќање давачки кон државата за оваа година. На пример, земјоделците да бидат ослободени од плаќање на концесијата што ја имаат за закуп на земјоделско земјиште, исто така и од давачките за вода и пашарина, сѐ што плаќаат кон државата во делот на земјоделското производство“, вели Стојкоски.

Целата оваа ситуација со сушата и уништеното земјоделско производство ќе влијае и на зголемување на цените на земјоделските производи, смета Стојковски. Тутунот ќе има намален, ама квалитетен род.