Супертајфунот се движи кон американските бомбардери (фото/видео)


Тихоокеанските острови што им припаѓаат на Соединетите Американски Држави и каде што се наоѓаат клучните американски воени бази се под напад на супертајфунот Бави, објавија денес американските медиуми.

Островот Тинијан, познат по американската воена база од која полетаа бомбардерите Б-29 што ги фрлија атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки во Втората светска војна, беше погоден од супертајфунот Бави со сила на ураган од IV категорија и во моментов нема електрична енергија, објавува CNN.

Северниот дел од базата Тинијан, некогаш најпрометната воздухопловна база во светот, беше затворен по војната, но сега се реновира за да стане алтернатива на американската воена база Гуам, во која се сместени некои од најважните американски воени инсталации во Пацификот, вклучувајќи ја и воздухопловната база Андерсон, витален воен центар во секој американски конфликт во регионот на Пацификот.

Воздухопловните сили на САД ротираат ловци-бомбардери, вклучувајќи ги Б-1, Б-2 и Б-52, до базата Гуам, а во поморската база Гуам се наоѓаат пет подморници на американската морнарица.

На островот Гуам живеат 150 илјади луѓе, а распоредени се повеќе од 7.000 активни членови на американската армија.

Бурата помина и над островот Рота во архипелагот на Северните Маријански Острови, каде што живеат околу 2.000 жители.

„Бурата имаше максимални налети на ветер од над 290 километри на час, а на Рота ветерот ќе дува со брзина од 240 километри на час“, според соопштението на Националната метеоролошка служба на САД.

Се очекуваат и тропски дождови што ќе доведат до ненадејни поплави, заедно со повторени поројни врнежи од дожд што ќе продолжат откако ќе помине центарот на бурата.

Се очекуваат и крајбрежни поплави, опасни за животот на луѓето, бидејќи силните ветрови од морето ги туркаат брановите на бурата кон брегот, што ги прави морските услови исклучително опасни.

Супертајфунот Бави се смета за еден од најсилните супертајфуни што се формирале на Земјата оваа година, а според метеоролошките мерења, центарот на оваа бура е еквивалентен на ураган од категорија 5.