Сунак: „Владеењето на толпата“ ја заменува демократијата во Британија, ќе се преземат мерки


Велика Британија запаѓа во „владеење на толпата“ и полицијата ќе стори повеќе за да ја заштити демократијата во земјата, рече премиерот Риши Сунак, откако британската влада најави дополнителни средства за заштита на пратениците.

– Има се поголем консензус дека владеењето на толпата го заменува владеењето на демократијата. И заедно, сите ние, тоа мора итно да го промениме, изјави Сунак.

Тој нагласи дека моделот на насилничко однесување за кој тврди дека има за цел да ги спречи пратениците да ја вршат својата работа мора да се прекине, пренесоа британските медиуми.

Многу британски пратеници се соочуваат со постојани закани по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, при што некои стравуваат за нивната безбедност доколку ги кажат своите ставови за конфликтот во Појасот Газа.

Министерството за внатрешни работи на ОК претходно објави финансирање во вредност од 31 милион фунти за дополнително обезбедување на пратениците и другите функционери.

Сунак нагласи дека новиот демократски полициски протокол ќе повлече дополнителни полициски патроли и јасно стави до знаење дека протестите во близина на домовите на избраните претставници треба да се третираат како обиди за заплашување.

-Овој протокол, исто така, јасно покажува дека отсега па натаму полицијата треба да преземе „конзистентен и цврст пристап“ за заштита на демократските процеси од заплашување, опструкција и субверзија, додаде Сунак.