Сулејман Реџепи се фали дека му помогнал на Пендаровски да биде избран

Поранешниот реис на Исламската верска зџаедница, Сулејман Реџепи, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 вели дека му помогнал на македонскиот претседател Стево Пендаровски да победи на минатогодишните избори, по што неговиот кабинет излезе со демант. Поранешниот поглавар на ИВЗ вели дека пратеници на Зоран Заев и Али Ахмети го молеле да обезбеди гласови за Пендаровски.

„Миле Зечевиќ од СДСМ, преставник на Зоран Заев, и Изет Меџити, преставник на ДУИ, ме молеа да ги примам на состанок. Им реков каде сакате вие, нема потреба од молба. Тие се луѓе што преставуваат сериозни субјекти. Важно е што јас прифатив, дојдов во Дом на пратеници, побараа од мене да ги помогнам  за изборот за преседател на Стево Пендаровски. Јас ја повикав мојата популација, моите муслимани и тоа даде резултат и самиот Стево Пендаровски ми има кажано – ова е твоја победа не моја, рече Реџепи во гостување на ТВ 21.

Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, целосно ја демантира изјавата на поранешниот претседател на Исламската верска заедница.

„Претседателот Стево Пендаровски, ниту пред ниту по изборите не комуницираше директно или индиректно со тогашниот претседател на ИВЗ, Сулејман Реџепи. Неговите изјави се само лаги и измислици“, се вели во реакцијата на Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Тие додаваат дека претседателот Пендаровски е избран на легитимен и законски начин, на слободни и демократски избори, што е потврдено во сите извештаи на ОБСЕ / ОДИХР.

„Ние ги сметаме ваквите изјави на Сулејман Реџепи како крајно несериозни и несоодветни, со оглед на неговата претходна улога во Исламската верска заедница“, додаваат од таму.