Сугарески:  За еден месец тендери за патиштата Фариш-Прилеп и Фариш-Дреново

Имаме силна динамика на градежните активности и реализацијата на капиталните инвестиции е одлична според резултатите од вториот квартал, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски денеска беше на увид на работите на регионалниот пат Прилеп-Мариово.

-За повеќе од еден месец ќе биде готова рехабилитацијата на регионалниот пат од Лагово до Витолиште. Веќе почна асфалтирањето на делницата од околу 9 километри, а работите чинат 650 000 евра, рече Сугарески.

Потврдувајќи ја силната динамика на градежните активности низ државава, Сугарески нагласи дека е одлична динамиката на реализација на капиталните инвестиции за што покажуваат резултатите во вториот квартал.Особено е важно, како што вели, што за еден месец ќе бидат тендерите за патот до Прилеп и за експресниот пат на оваа делница.

– Следниот месец ќе бидат распишани тендерите, и тоа за трите ленти за делницата од Фариш до Прилеп во должина од 19 километри, како и тендерот за експресниот пат од Фариш до Дреново. За нас во Министерството ова е многу важно. Има позитивен резултат од Европската банка, така што, продолжува силната динамика на инвестициите, изјави Сугарески.

Се работи на инфраструктурата во Пелагонискиот регион. Преку Министерството, во овој Прилепски регион за локалните патишта се вложени околу три милиона евра. Од тие пари 1,2 милиона евра се за општина Прилеп за изградба на локални патишта. Вложува и локалната самоуправа.

-Во моментов, во државава преку Министерството се работи на 30 водоводи и канализации, на шест локации за социјални станови. наесенќе биде распишан тендер и за социјална зграда во Прилеп, рече Сугарески.

Што се однесува до гасификацијата, кракот до Битола е 90 проценти завршен.

– До крајот на годинава од Неготино до Битола очекувам целосно да биде завршено. Кракот од Скопје преку Тетово до Гостивар завршен е околу 60 проценти. Ќе се распише тендер за Гостивар-Кичево и за Велес- Свети Николе. Активно се работи и на патната инфраструктура. Се работи на клучката Прилеп- Битола како и на патот до Меџитлија.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски е задоволен од инфраструктурните зафатив во регионот. Нагласува дека Општината за догодина во буџетот има одвоено 400.000 евра за секундарната гасоводна мрежа која ќе се гради со јавно-приватно партнерство. Но информацијата е дека Владата ќе помогне во тоа.

-Имаме одвоено средства во локалниот буџет за секундарната гасификациска мрежа. Парите се околу 400.000 евра. Во меѓувреме, стигна инфоирмацијата дека на општините ќе им помогне Владата, па очекуваме прецизни насоки, изјави Јованоски.