Сугарески: ВМРО-ДПМНЕ ископале дупка, велат гасовод направиле


 

Во моментов во Македонија се градат најмногу патишта во последниве 30 години. И тоа јасно може да се види, одговори министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на забелешките на опозицијата.

„Да отидеме во која сакате општина, не само во градовите, туку и околу, ќе видите. Реконструкција правиме на преку 500 километри патишта. Во моментов има инвестиции во делот на патната инфраструктура од 800 милиони евра“, вели Сугарески во интервју за „Макфакс“.

Министерот смета дека претходната власт подобро да не почнувала вакви автопатишта.

„Одговорно тврдам дека ова е невиден нонсенс во градежништвото, ваков пример не постои, посебно со автопатот Кичево Охрид. Таму видовме нешто што не го познава градежништвото. Многу е лесно да се обвинува некој што гради во моментов. Автопатот Миладиновци-Штип беше завршен 50 проценти кога дојдовме, од каде тие го направиле тој автопат? Ние направивме 50 проценти во година и пол, тие исто толку во четири години. Зошто се вели дека ги довршуваме нивните проекти? Ако било само за 40 километри, или за две бандери, како што кажуваат, зошто не ги доправиле? Може ли да замислите дека Груевски немаше да пушти пат ако било сè готово? Ако бил готов Демир Капија-Смоквица, Груевски ќе пропуштеше да го пушти? Еве јас го поставувам гласно прашањето. Автопатот Кичево-Охрид е еклатантен пример како не треба да се работи во градежништвото. Тоа ВМРО-ДПМНЕ треба да и го објасни на јавноста. Не само делот на провизии. ВМРО-ДПМНЕ реконструираше 650 километри во 11,5 години, СДСМ во една година 500 километри. По 40-50 години патиштата не биле чепнати, од времето на Тито. Да појдеме кон граничните премини кон Бугарија, да видиме како е направен патот од Делчево до граница, од Берово до Клепало, дали се работи од Струмица до Ново Село. Нормално е опозицијата да критикува, но фактите се јасни. Како го сметаат патот Штип-Радовиш дека е од нивно време, кога лопата не е фрлена, ниту една. Ланската година во мај е почнат патот да се прави. Во моментов работиме на проект Битола -Прилеп“, рече министерот Сугарески.

За гасоводот министерот појасни дека 98 проценти од кракот Неготино-Битола бил неекспроприран.

„Ископале дупка, велат направиле гасовод. Бројките се неумоливи“, посочи Сугарески. Тој вели дека до 4 септември ќе бидат завршени првите два километри на автопатот Скопје-Блаце.

За седиштето на министерството во центарот на Скопје, кое ВМРО-ДПМНЕ го градеше 6 години и СДСМ уште 2 години, а уште не е вселено, Сугарески појасни дека фирмата што работела треба да доврши уште некои ситни работи, за да може Министерството да издаде одобрение за употреба.

„Имавме проблеми низ периодов, таму има водени постапки, исплати што треба да се извршат, треба да имаме јасна претстава што значат кусоци и вишоци, а што значат дополнителни работи. Кога ова ќе се доврши, ќе распишеме тендер за селење. Мора постапката да биде чиста, за да може органот што издава одобренија за употреба, сам себе да го издаде. Мора да биде најчисто. Јас лично не сум бил во зградата“, укажа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во интервју за „Макфакс“.