Сугарески: Роковите се запазуваат, очекувам комплетна реализација на капиталните инвестиции
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска изјави дека според запазувањето на роковите, очекува реализацијата на капиталните инвестиции во транспорт и врски да биде комплетна.
-Тука спаѓаат и железниците, а што се однесува до гасоводот реализацијата за четирите месеци е 27,4 отсто колку што беше цела година лани, изјави Сугарески при денешната посета на Прилеп и увидот на работите на патот Прилеп до Вештачкото езеро.
Кога говориме за капиталните инвестиции во бројки, додаде тој, Јавното претпријатие за државни патишта во моментов има преку 30 отсто реализација.
-Така на пример, ако лани до овој момент имало инвестирано една милијарда и 700 милиони денари, сега во овој период има околу четири милијарди денари инвестиции. Според ова и запазувањето на роковите, очекувам дека комплетна ќе биде реализацијата на капиталните инвестиции во транспорт и врски. Тука спаѓаат и железниците меѓу кои и пругата Битола-Кременица која почна во јануари лани и заврши до декември и останува уште вметнување на оптичкиот кабел од Трубарево до Битола, рече Сугарески.
Според динамиката која, како што оцени, е одлична со изградбата на гасоводот, во Пелагонискиот регион ќе биде готов до крајот на годинава. Средствата како капитална инвестиција ќе се потрошат до октомври или ноември и може да се побараат дополнителни со евентуален ребаланс на Буџетот.
– Во моментов сериозно се инвестира во гасоводот и реализацијата на капиталните инвестиции во првите четири месеци од годинава е 27,4 проценти, односно колку што беше направено лани. Така, до моментов се реализирани преку 400 милиони денари и како што сум информиран од изведувачите на гасоводот, мајските и јунските ситуации ќе бидат одлични и очекуваме во делот на капиталните инвестиции за гасификацијата до октомври-ноември комплетно да бидат потрошени средствата од Буџетот. И доколку би имало евентуален ребаланс на Буџетот, би се побарале и дополнителни средства за гасоводот, рече министерот за транспорт и врски.
Што се однесува, пак, до секундарната мрежа, Сугарески од градоначалниците на Прилеп и на Битола бил информиран дека се работи интензивно.
– Според роковите очекуваме до крајот на годинава гасоводот да биде пристигнат во овој регион, рече Сугарески објаснувајќи ја реализацијата на капиталните инвестиции во Министерството за транспорт и врски.