Сугарески: Преку 80 милиона евра за патната инфраструктура во Прилепско


Почнува асфалтирањето на регионалниот пат Лагово – Штавица – Витолиште, во Мариово. Ќе се рехабилитираат девет километри. Проектот вреден 650.000 евра, ќе се реализира преку програмата на ЈП „Македонија пат“.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој денеска беше на увид на работите со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, нагласи дека патот е од исклучително значење за граѓаните. Во овој регион интензивно се работи и се вложуваат преку 80 милиона евра во патната инфраструктура.

-Преку 80 милиона евра се вложуваат во рехабилитацијата и изградбата на патната инфраструктура во Прилепскиот регион и се инвестира како никогаш досега. Жителите на Прилепско и цела Пелагонија добиваат модерни и безбедни патишта, рече Сугарески, нагласувајќи дека целта е да се завршат сите проекти до крајот на градежната сезона.

Според него, само во патната мрежа во Прилеп и околината моментно се инвестираат преку 70 милиони евра – средства обезбедени од централната власт.

-Ако дополнително ги земеме предвид и проектите на локалната власт имаме инвестиции од близу 80 милиони евра во патната мрежа во Прилепско. Завршивме со рехабилитација на стариот пат од Прилеп до Битола, транзитот на Прилеп и патот од Прилеп до Прилепско Езеро. Во моментов ги рехабилитираме патот до Норово, патот од Лажани до Житоше и Крушево – Слива – Пуста Река, а привршуваме и со рехабилитација на делницата од Дреново до Фариш. Во текот на овој месец ги објавуваме тендерите за рехабилитација и реконструкција на регионалните патишта Фариш-Прилеп и Кривогаштани – Крушево. Посветено работиме на подобрување на патната мрежа во Мариово и имаме за цел повторно да го заживееме овој предел, да овозможиме услови за развој на рурален туризам, а истовремено да обезбедиме поквалитетен живот на локалното население. Во моментов го асфалтираме патниот правец Лагово-Штавица-Витолиште, а претходно  го рехабилитиравме и патот Рапеш – Старавина, изјави Сугарески.

Прилепскиот градоначалник Јованоски смета дека рехабилитацијата на патот Штавица – Крушевица – Витолиште го заживува Мариовскиот дел.

– Ова е од интегрално значење за Општината, зашто голем дел граѓани се од овој дел на Мариово. Но, има и граѓани кои се занимават со сточарство и пчеларство, рече Јованоски.