Сугарески: Градежништвото со раст од 2,8 отсто во вториот квартал

Илустрација

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески најави дека растот на градежништвото ќе продолжи и во наредниов период што според него се должи на реализацијата на инфраструктурните проекти.

– Најавивме економска година и интензивно работиме на реализација на инфраструктурните проекти така што, резултатите се веќе видливи. Тоа го потврдуваат и последните податоци за Бруто Домашниот Производ за вториот квартал каде имаме раст од 3,1 отсто или само градежништвото бележи раст од 2,8 отсто, и со исто вакво темпо продолжуваме и во следниот период, изјави Сугарески по увидот на рехабилитацијата на регионалниот пат од Маврово до Никифорово.

Тој нагласи дека во ек е градежната офанзива низ целата земја и притоа се реализираат значајни проекти. Сугарески потенцира дека засилено се работи насекаде низ државата и како што рече, подобрувањето на состојбата на патиштата е од особено значење и за граѓаните и за компаниите, како дел од ветувањата за рехабилитација на целокупата патна мрежа.

Според министерот, во моментов низ земјава се реализираат инвестиции од преку 800 милиони евра во патната инфраструктура.

– Морам да спомнам дека се засилени и градежните работи на автопатот Кичево – Охрид, континуирано се врши и проектирањето за изградбата на новиот автопат од Гостивар до Кичево, така да многу сме активни во овој дел во државата во подобрување на патната инфраструктура, подвлече Сугарески.