Суецкиот канал оствари рекорден приход од 7 милијарди долари


Приходите на Египет од Суецкиот канал достигнаа рекордни седум милијарди долари во финансиската година што заврши во јуни, објави претседателот на управата со каналот, Осама Рабеа.

„Ова е за 20,7 отсто повеќе отколку во претходната финансиска година“, рече Рабеа.

Приходите се зголемени поради поголемиот број пловни објекти и поголемиот обем на товар во транзит, се наведува во соопштението на управата на Суецкиот канал.
Обемот на каргото се зголеми за 10,9 отсто во споредба со финансиската година 2020/2021, на исто така рекордни 1,32 милиони тони.

Низ каналот поминале 22.032 брода, 16,7 отсто повеќе од претходната година.

Каналот е најбрзата поморска рута меѓу Европа и Азија и еден од главните извори на девизен приход за египетската влада.
Проширувањето на каналот во 2015 година резултираше со ограничен раст на приходите, а новата фаза на проширување беше најавена откако товарниот брод „Евер Гивен“ се заглави во тесниот воден пат минатиот март и го блокираше сообраќајот шест дена, што предизвика нарушување на глобалната трговија.

Работите треба да завршат следната година.