Судските административци протестираа незадоволни од одлуките на судскиот буџетски совет

Судската администрација денеска излезе на протест и одржа предупредувачки прекин на работата. Тие денеска ги напуштија работните места и се собраа пред судовите каде што работат за да го изразат незадоволството од додатоците на плата за што го обвинуваат судскиот буџетски совет.

Судските работници денеска најавија дека два часа нема да работат, но најавувија дека во случај нивните барање да не се исполнат, можно е и да пристапат кон штрајк.

Главната причина за протестот е одлуката да се зголемат платите на судиите и побараа намалување на јазот меѓу платите на судиите и сите останати вработени во судската администрација.

Вработените во судската администрација побараа еднаков третман од судскиот буџетски совет како и судиите. Според нив има нетранспарентна и нефер распределба во висината на месечниот додаток, како што велат, повеќе за судиите, многу помалку за службениците. Тие побараа и К-15, како и раст на нивните плати паралелно со растот на просечната плата во државата.

„Ова е последна опомена за Судскиот буџетски совет кој е нетранспарентен. Неколку пати, а посебно на последната седница побарав да присуствувам како претседател на синдикатот, но веднаш беше одбиено барањето. Револтот е огромен. Не сакаме да ги спориме ниту платите, ниту додатоците на плата на судиите, туку го спориме нехуманиот однос на оние кои одлучуваат за судската служба затоа што договорот беше додатоци за плата да добијат сите исто во процентуален износ. Во септември беше одредени и судиите и судската администрација да добијат пет проценти додаток на плата, меѓутоа од Судскиот буџетски совет велат дека немаат зголемување на пет проценти на платата како останатата администрација и си доделија уште пет проценти додаток“, порача претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски.