Судскиот совет како заштитник: Тешко до притвор за судиите и пратениците


Судскиот совет доби нов претседател и нов закон, но и со новиот закон што конечно го потпиша претседателот Стево Пендаровски, за да му се одреди притвор на судија, зелено светло прво треба да даде Судскиот совет.

Ова тело одлучуваше и за последниот случај со судијата од Управниот суд за кого обвинителството бараше притвор, но Судскиот совет му го одзеде имунитетот, но не дозволи да му биде одреден притвор.

Членот кој предвидува Советот да одлучува за одземање на имунитет на судија и да одлучува по барањето за одредување на притвор на судија останува и во новиот закон. Поранешната судијка на Европскиот суд за човекови права и претседателка на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, вели дека за секој притвор последниот збор треба да го има судот. Таа бара пошироко толкување на овој член односно Судскиот совет да одлучува исклучиво само за имунитетот на судијата.

„Можеби редоследот на наведување на надлежностите на Судскиот совет, доколку правилно се толкува, може да оди во насока тој да одлучува исклучиво за одземање имунитет на судијата, со што се отвора врата за судот да одлучи за самиот притвор. Значи, со одземање на имунитетот да се овозможи да се донесе одлука за притвор, а одлуката за притвор да ја донесе судот“, вели Цаца Николовска.

По одлуката на Судскиот совет да не дозволи притвор за судијата кој е осомничен дека го оштетил буџетот за 200.000 евра, обвинителката Вилма Русковска, која стоеше зад барањето, заклучи дека со оваа одлука се покажува дека правото важи само за обичните граѓани, а не и за судиите и пратениците.

„Сметам дека носителите на јавни функции, како што се пратеници, судии, обвинители, мора секогаш да бидат построго казнувани затоа што тие се оние што треба да го спроведуваат законот“, порача Русковска.

Истата обвинителка бараше притвор и за пратеникот Љупчо Димовски и поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, но Собранието по неколку одложувања и во двата случаи утврди дека не се обезбедило мнозинство за да им биде одземен имунитетот, па и двајцата се спасија од притвор.

„Притворот како мерка не може друг да ја одреди, освен судот. Во таква ситуација не само што има дискриминација по однос на лицата во делот дали ќе се одлучи и кој ќе одлучи за мерката притвор, туку има и дискриминација или поставување на повисоко ниво на политичари, судии“, вели Цаца Николовска.

Институтот за човекови права генерално позитивно го оценува новиот закон за судски совет. Најбитна новина, според Институтот, е што сега и самите членови на Судскиот совет може да бидат разрешени, а постапка за дисциплинска одговорност може да поднесат најмалку 20 судии или секој член на Советот.

„Со ова не сакам да кажам дека сè е направено и дека нема проблеми во судството. Напротив, сметам дека овој закон и законот за судови ќе придонесат да почнат да се расчистуваат работите, да се оценуваат судиите и да се има вистинска слика за нивната работа во делот на извршување функција од страна на судиите и во делот на извршување функција од страна на членовите на Судскиот совет“, вели судијката. Таа го потсети новиот претседател на Судскиот совет, Киро Здравев, на неговото ветување дека конечно ќе ги расчисти иницираните постапки за утврдување на одговорност на судиите, кои стоеја во фиока за време на претходниот претседател.

„Тоа е еден од начините што ќе бидат презентирани за ефикасно, транспарентно и ефективно работење на Судскиот совет, а со тоа и задоволување на основните принципи на владеење на правото и овозможување на независно и непристрасно судство“, смета Николовска. Институтот продолжува да ја следи работата на Советот за да утврди дали законските решенија ќе се применуваат во пракса. (Ф.Ф.С.)