Судскиот совет изгласа запирање на постапката против Беса Адеми

Дамева ги повика членовите на Судскиот совет совесно, одговорно, чесно и достоинствено да ја донесат одлуката имајќи во предвид дека се работи - не за Беса Адеми, туку за претседателка на највисокиот суд во Македонија


Фото: Б. Грданоски

Судскиот совет на денешната расправа за утврдување одговорност за претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, реши да се запре постапката. Одлуката беше изгласана со седум гласа за запирање и четири гласа против. Расправата беше тензична, а на одговорност најмногу инсистираше членот  на Судскиот совет Тања Чачарова – Илиевска. 

Дури и претходниот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев рече дека Уставот и законот кажуваат кои се обврските на претседателката на Врховниот суд како член на Судскиот совет, но тој ги почитува препораките на Оценската мисија на ЕУ и во принцип е човек што гледа напред и позитивно. Практично тој ги прифати јавно укажувањата на Оценската мисија дека на претседателката на Врховниот суд и на министерот за правда не им е место во ова тело, правејќи ги беспредметни расправите дали отсуствувала оправдано од седниците или не.  

Откако имаше неколкучасовно соочување на аргументите за одговорност или не, при што паднаа и обвинувања дека сите стоеле зад иницијативата да се покрене одговорност за Адеми, а сега некои се кријат зад празни флоскули и убави говори, завршен збор даде претседателката Весна Дамева. Таа го повика членовите  совесно, одговорно, чесно и достоинствено да ја донесат одлуката имајќи во предвид дека се работи, не за Беса Адеми, туку за претседателка на највисокиот суд во Македонија за чија работа има високи оценки и дека е премногу ризично да се расправаат  каква мерка да и изречат. 

Затоа таа се изјасни за прекин на постапката,  но  нагласи дека ќе ја почитува секоја одлука што ќе ја донесат. Притоа, Дамева рече дека за неа е ирелевантно дали биле оправдани или не отсуствата на Адеми на седниците на Судскиот совет (главниот грев), пред се бидејќи самиот Совет не утврдиле сторена повреда во тој поглед. Според неа, Георгиев не згрешил што ја повикал на седница, но грешел во наредните дејствија  и лично не поднел барање за одговорност на Адеми, туку тоа дошло од Миљазим Мустафа, што создало впечаток дека е тенденциозно. Таа нагласи исто така дека отсуството на Адеми во Судскиот совет не предизвикало никакви последици или одлагања на седници, дека од него немало никаква штета, дека присуствувала кога тоа било неопходно и, што е најважно според неа, е што важи за судијка што независно и самостојно носи пресуди и која зборува за прашања од јавен интерес, што и треба да го прави тоа. Дали имала обврска наоводите за притисоци да ги сподели со Судскиот совет? – праша Дамева, одговорајќи со „да“, но оцени дека Адеми на овој начин сакала да се заштити себеси.

Селим Адеми, кој беше најзаслужен за незаконската смена на Дамева, сега уверуваше дека никој не барал Адеми да биде разрешена, односно дека таква перцепција имале јавноста и медиумите, но дека е недозволиво тоа да го тврдат тука во Судскиот совет, бидејќи постои и мерка јавна опомена. 

-Секое барање за утврдување на одговорност не е за разрешување, рече Адеми, изразувајќи жалење што не биле јавни седниците на кои ги изнеле барањето и фрустрациите од недоаѓањето на претседателката на Врховниот суд на седниците, тврдејќи дека зад иницијативата тогаш не бил само Сашко Георгиев туку сите. 

-Сите бевме едногласни. Сите знаевме дека не навреди однесувањето на претседателката на Врховниот суд со отсуството. Поважна ли беше средбата со судијата од Неготино од доаѓањето во Судскиот совет, рече Адеми. Тој ги отфрли и тврдењата за притисоци во судството со оценка дека сите се жалеле на нив, а кога биле директно прашани од кого, велеле – не врз мене, ама има таква перцепција. 

Само судијката Тања Чачаровска – Илиевска беше упорна во барањата да има некаква мерка против судијката Беса Адеми , макар и укор, за да стане свесна за своите права и обврски кон Судскиот совет.Чачарова праша што има таму по портали да кажува за притисоци место кај нив и ја обвини Адеми дека ги прекршила Уставот и законите што не доаѓала на седниците. Притоа во ниеден момент не спомна како таа со нејзиниот глас ги повреди законите и Уставот одлучувајќи за незаконското разрешување на Весна Дамева од претседателското место лани во април.

Лорета Георгиевска го нарече однесувањето на Беса Адеми потценувачко, недолично и надвор од законските рамки и побара место празни флокули, барем да се изнесе  „голата фактичка состојба“. Таа беше „запрепастена“ што се разводнува одговорноста, па од барање за разрешување сега почнале да зборуваат да нема одговност. 

Ханиф Зендели пак повика Судскиот совет да почне да ги решава суштинските прашања потсетувајќи дека има и друга оставка на судијка образложена со бизнис и политички притисоци. И тој нагласи дека ова тело никогаш не констатирало неоправдано отуство на Беса Адеми и дека Оценската мисија на ЕУ рекла дека со нејзиното неприсуство на седниците не е прекршен Законот за Судски совет. Тој потсети дека во извештајот на Европската комисија Врховниот суд добил високи оценки, па повика да се внимава – како евентуалната одлука за разрешување ќе се сфати во јавноста. Сепак, тој порача дека во иднина секој што обвинува за притисоци во работењето да излегува со име и со презиме на тие што ги вршат.

За судијата Ивица Николовски Врховниот суд е ажурен суд, што е придонес на претседателката Беса Адеми, а за недоаѓањата на седниците на Судскиот совет, кажа дека состојбата во тој период во Советот, и не беше за доаѓање.

„Како нас ќе нè цени јавноста, кога Судскиот совет тргна по претседател на Врховниот суд, само затоа што се пожалила на обид за притисоци?? Па граѓаните нас ќе нè осудат!”, рече судијата Николовски.

За судијката Антоанета Димовска проблематично  беше што самото барање за дисциплинска одговорност е обвинение.

„Се работи за седници на Судскиот совет во работни денови и за претседател на Врховен суд кој има работа таму во работни денови. Не знам какво оправдување треба да достави”, рече Димовска.

Потенцирајќи дека Адеми навела оти врховните судии одолеале на политичките притисоци, таа запраша: „А што направивме ние? Ги повикавме судиите на неформална средба? Ништо. Еве сега сме јануари, а интервјуто беше на почетокот на ноември. Натаму, ние имаме членови на Судскиот совет кои честопати не го оправдале своето отсуство. Што сме ние различни од неа?”