Судскиот совет ги усвои методологиите за оценување на работата на судиите и на претседателите на судовите

Судскиот совет на Република Северна Македонија ги усвои Методологија за оценување на работата на судија врз основа на исполнетост на квалитативните критериуми за судиското работење и Образец за оценување и бодување  на исполнетост на квалитативните критериуми за работата на судијата, како и Методологијата за квалитативно оценување на претседателите на судовите и Образецот за квалитативно оценување на претседатели на судовите.

Како што е објавено на веб страната на Судскиот совет, на седницата одржана на 18-ти декември,  усвоени се и Упатството за начинот на пресметување на ефективни работни часови, Програма за работа на Судскиот совет на Република Северна Македонија за 2021 година,како и Интерниот  план  за следење и оценување на работата на судовите, судиите и претседателите на судовите за период од 01.01.2021 додина до 31.12.2021 година.

Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција промовирајќи ги 10-те приоритети на Владата за следната 2021 година, наречени „Акција 21“, како прв на листата го посочи прочистувањето на правосудството.

Говорејќи за моделот за прочистување или филтрација, посочи дека е во завршна фаза и дека на него работеле првенствено претставници на Судскиот совет, на Советот на јавни обвинители, со поддршка на академската јавност и дека токму тие ќе го усвојат моделот што сами го креираат и што ќе го спроведуваат.

-Ќе се ревидираат цели досиеја. Секој судија ќе биде оценуван. Ќе има листа на критериуми кои ќе се прегледуваат за сите судии: Како воделе постапка, како изведувале докази, како се сослушувани сведоци и особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање. Сите тие работи ќе ги поминува Судскиот совет или Советот на јавните обвинители и сето тоа во утврдена временска рамка и транспарентност, истакна Заев.

Најави дека ќе иницираат носење законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и постојано да ја информира јавноста за својата работа и за напредокот во предметите кои ги следат граѓаните и за коишто постои посебен јавен интерес.