Судскиот совет му го одзеде имунитетот на судијата, но не одобри притвор


Судскиот совет му го одзеде имунитетот на судијата во Управниот суд за кој обвинителството отвори истрага, но не го одобри барањето за да му се определи притвор.
Судијата е осомничен за злоупотреби со предмет за денационализација, како и по барање за одобрување на негов притвор.

Тој се повикал на правото на судиски имунитет откако Обвинителството за организиран криминал и корупција побара од судија на претходна постапка да му одреди притвор.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера донесе наредба за спроведување на истражна постапка против судијата.

Од Јавното обвинителство информираа дека осомничениот, во периодот од 10.09.2018 година до 24.01.2019 година, ја злоупотребил својата службена положба и овластувањe и ги пречекорил границите на своето службено овластување.

Судијата претходно бил адвокат и преземал дејствија и ги застапувал интересите по барање за денационализација на две лица, на чиј правен претходник му бил определен и исплатен надомест за земјиштето што било предмет на барањето за денационализација. Во меѓувреме, осомничениот бил избран за судија на Управниот суд. Во септември 2018 година за предметот за денационализација по кој постапувал во својство на адвокат, до Управниот суд била поднесена тужба, а тој ја земал во работа.