Судски совет избира нов претседател


Фото: Б. Грданоски

Судскиот совет денеска на седница ќе избира нов претседател. Претседателот на Советот се бира со најмалку осум гласови од членовите на Советот со право на глас.

Советот е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието од кои двајца на предлог на претседателот на државата. По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот без право на глас.

Петмина од членовите од редот на судиите беа избрани минатата година. Во декември судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип, претходно во септември беше избрана судијката Џенета Бектовиќ од Основниот кривичен суд Скопје како член на Советот од редот на судиите припадници на заедниците, кои се помалку од 20 проценти од населението во државата, додека во јуни нови членови станаа судиите Исамедин Лимани од Врховниот суд и Александар Камбовски од битолското апелациско подрачје. 

Останатите тројца членови на Советот од редот на судиите се судијката Антоанета Димовска избрана во јули 2023 година, судијата Ивица Николовски избран во септември 2022 и Ханиф Зендели избран во јануари 2020 година. 

По предлог на претседателот на државата, членови на Советот се Весна Дамева, избрана во декември 2019 година и Миљазим Мустафа избран во јули 2019 година.

Членовите на Советот кои се бираат од Собранието се Тања Чачарова-Илиевска избрана во декември 2021 година, Павлина Црвенковска избрана во декемри 2020 година и Селим Адеми избран во декември 2019 година.

Единствениот орган за избор, оценка и контрола на работата на судиите и чуварот на довербата на граѓаните кон судството – Судскиот совет,  годината ја почна со претседателски „рокади“, а ја заврши со празно столче на функцијата претседател на Советот. Судскиот совет, повторно се најде во фокусот на јавноста, но не само по контроверзно разрешување, па враќање, и на крајот оставка од функција на претседателката Весна Дамева, туку и по обидите за примена на дел од препораките на Оценската мисија во своето работење, како и отворените повици од власта за нивно распуштање и реформа на Законот за судски совет.

Изборот на претседател се најде на дневен ред на седница на Судскиот совет и во декември минатата година, но беше одложен до комплетирање на составот со изборот на двајца нови членови од редот на судиите. 

Првиот човек на Судскиот совет и неговиот заменик се бираат од членовите со право на глас, откако Уставниот суд во март 2023 го укина ограничувањето тие да се избираат само од редот на членовите избрани од Собранието. 

На 510-та седница покрај изборот на претседател, се и разгледување и одлучување по приговор од судија, како и други прашања