Судски совет испраќа „контролори“ во Апелација

Тричлена работна група ќе го проверува одлучувањето во предметите „Таргет-Тврдина“, „Трезор“, „Транспортер“ и „Алфа“


Седница на Судскиот совет

 

По огромниот притисок од јавноста околу укинувањето на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ Судскиот совет на денешната итна седница одлучи да испрати работна група во Апелацискиот суд во Скопје која ќе проверува дали има процесна повреда во одлучувањето за одредени предмети, дали имало одолговлекување, дали одлучувале судии кои не смееле бидејќи биле пензионирани. Во состав на работната група ќе бидат судијките Тања Чачарова-Илиевска, Мирјана Радевска-Стевкова и Мери Радевска.

Овие три члена на Судскиот совет ќе проверуваат неколку предмети. Прв од нив е „Таргет-Тврдина“. Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, предложи во заклучокот да се сместат уште два други предмети за проверка: „Трезор“, каде што исто како и со „Таргет-Тврдина“ беше укината пресуда пред околу три недели, а меѓу обвинетите е Сашо Мијалков; а и случајот „Транспортер“, кој се однесува на училишниот превоз во Битола, во кој поранешниот градоначалник Владимир Талевски е осуден на осум години затвор. Во него се вклучени и други дваесетина лица.

„Независен“ минатата недела пишуваше дека одлучувањето за „Транспортер“ се одолговлекува две години и двете месеци од донесувањето на пресудата. Дамева рече дека „Транспортер“ треба да се стави на списокот за проверка токму поради пишувањето на медиумите.

На предлог на заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми, на списокот се додаде и случајот „Алфа“ за убиството на полицаецот кај ПМФ.

На седницата за збор се јави судијката Тања Чачарова-Илиевска која ќе биде дел од работната група, и посочи дека проблемот во Апелациониот суд во Скопје е недостиг на судии.

„Работната група нема да направи нешто што не е направено. Редовно се следи. Ја знаеме и причината поради немање на можност судиите, генерално, да го совладуваат приливот на предмети кои го добиваат. Апелација-Скопје има најсложени и најголем обем на предмети. Знаеме каква е состојбата со бројката на судии. Тоа се факти кои не можеме да ги премолчиме. Колку траат постапките, во голема мера зависи од овие факти“, вели Чачарова Илиевска.

Таа појасни што би можела да прави оваа работна група: „Што би вршела работната група во контролата? Надзор на што? На траењето на судската постапка, да се земе предвид колку предмети имал овој совет што одлучувал, колку решил, дали имаме намерно одолговлекување или состојбата налагала така… Тоа е она може да го утврдиме ние“.

Со нејзиниот став не се согласи претседателката Дамова која посочи дека целта на посетата е да провери дали судечкиот совет во Апелација дал приоритет на други предмети, дали се одолговлекувала постапката, дали постапувал судија кој исполнувал услови за старосна пензија.