Судот му одреди притвор на Мухамед Зекири

Досегашниот генераелн секретар на Владата ќе оди во 30-дневен притвор. Тој се сомничи за злоупотреба на служебана должност и овластување


 

Неколку часа по распитот судија на претходна постапка му одреди притвор од 30 дена на досегашниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири. Таков предлог до Кривичниот суд достави обвинителството. Во соопштението на судот се вели:

„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор против едно лице за кое постојат основани сомненија за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, судија на претходна постапка по произнесување на надлежниот обвинител и осомничениот во присуство на неговиот бранител во однос на предлогот, а притоа ценејќи ги сите факти приложени во предлогот, донесе решени со кое го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1,2 и 3 од ЗКП. Како што и претходно информираше судот, судијата на претходна постапка по добивање на предлогот на јавниот обвинител, во законски утврдениот рок издаде наредба до надлежната ПС за спровод на осомничениот, но во текот на денот тој самиот се пријави во судот да се произнесе во однос на предлогот“, се вели во одлуката од Судот.

Зекири е осомничен дека заедно со двајца хрватски државјани сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

Според истрагата, во периодот од април 2021 година до  јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба Зекири како првоосомничен без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100 денари на штета на Буџетот на Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги.

Веднаш по објавувањето на таа вест Мухамед Зекири поднесе неотповиклива оставка на функцијата генерален секретар на Владата која премиерот Димитар Ковачевски, кој се наоѓа на економскиот форум во Делфи, Грција, ја прифати и најави избор за негов наследник во скоро време.