Судот ќе бара начини како да ги забрза процесите вратени на почеток
Претседателот на Кривичниот суд денеска ги уверуваше новинарите, а преку нив и јавноста, дека ќе сторат сѐ процесите кои ќе стартуваат од почеток да добијат побрзо темпо. Иван Џолев на брифингот со новинарите изјави дека дека судот ќе предложи предметите само формално да почнат од почеток со читање на записниците, за да се заштеди на време.
„Онаму каде што има нов судија-поротиник судии кои постапуваат по предметите ќе предложат, наместо враќање на предметите од почеток, тие да продолжат со формално читање на записниците од досега изведените докази сѐ со цел доследно почитување на начелото за судење во разумен рок. Но е потребна согласност од одбраната“, рече Џолев на денешниот брифинг со новинарите.
Тој рече дека согласно одлуката на Судскиот совет, во Кривичниот суд предвидено е да постапуваат 200 судии–поротници, а во моментов активни се 54. Според него, тоа е недоволно и апелираше да се изберат нови судии-поротници, но и да има поголем одѕив на граѓаните на огласите за оваа улога.
Џолев изјави дека и покрај обиди за одолговлекување на дел од одбраната, Кривичниот суд досега, со првостепена пресуда, заврши повеќе од половина од предметите на СЈО и предметите од висока корупција, а во текот на судската ферија веќе е закажанано објавување на пресуди за предметите „Тортура“ и „Настаните од 27 април“.
Тој најави дека предметите на разрешениот судија Горан Бошевски ќе бидат распределени кај други судии согласно Акмис системот.