Судот ја ослободи Силвана Бонева во процесот за патните трошоци


 

Обвинителот не докажа дека поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, вршела измами со патните трошоци и Кривичниот суд ја ослободи.

Во обвинението поднесено уште од Специјалното јавно обвинителство, се тврдеше дека Бонева вршела измама со патните трошоци кои што ги наплаќала од Собранието, прикажувајќи главно сметки како да доаѓа од Струмица, иако живеела во Скопје.

„Основниот кривичен суд Скопје, денеска на јавна расправа, ја објави пресудата за кривичниот предмет со К.бр. 2799/20, во јавноста познат како ‘Друмарина’, против обвинетата С.Б. за кривичното дело – измама во службата од чл. 355 ст. 3 вв ст.1 вв чл. 45 од КЗ со која обвинетата ја ослободи од обвинение.

Според првостепната, неправосилна, пресуда судот утврди дека јавниот обвинител, надвор од разумно сомнение, не го докажа делото кое ѝ се става на товар на обвинетата, а во однос на оштетното побарување, застапникот на државата го упати на спор.

Воедно судот, постапувајќи по службена должност, а по сила на законот, донесе решение со кое се укинува времената мерка – забрана за отуѓување и ставање под хипотека на недвижен имот на име на обвинетата и нејзиното семејство.

Против првостепената пресуда и решението, странките имаат право на жалба во рок од 15 дена по прием на пресудата и 3 дена по прием на решението, преку овој суд до Апелациониот суд Скопје“, се вели во соопштението на судот.