Судот го одби барањето на Трамп да се забрани книгата на Џон Болтон


ВАШИНГТОН – Американски судија во саботата го отфрли барањето на администрацијата на Трамп да биде блокирано објавувањето на книгата на поранешниот советник за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп, Џон Болтон, во која се тврди дека претседателот побарал помош од Кина за да биде реизбран.

Администрацијата бараше привремена наредба за ограничување и прелиминарна забрана на објавувањето на „Собата каде што тоа се случуваше: Мемоари од Белата куќа“, велејќи дека содржи класифицирани информации и се заканува на националната безбедност.

Книгата, која треба да се појави на полиците во продавниците во вторник, веќе е во рацете на медиумските организации.

„Обвинетиот Болтон се коцкаше со националната безбедност на Соединетите Држави. Тој ја изложи својата земја на штета и самиот е под граѓанска (и потенцијално кривична) одговорност“, напиша судијата.

Но тој рече дека наредбата ќе биде премногу доцна за да се спречи штетата. „Со стотици илјади копии низ целиот свет, многубројни во редакциите, штетата е веќе направена“, рече судијата Ројс Ламберт. Во еден твит набргу по објавувањето на одлуката, Трамп повторно го обвини Болтон дека соопштува класифицирани информации. „Тој мора да плати многу голема цена за ова, како и другите пред него“, рече Трамп. „Ова никогаш повеќе не треба да се случи!!!“ (Ројтерс)