Судири на улиците во Каракас


Во Каракас денеска се судрија поддржувачите на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо и претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, откако двајцата побараа поддршка од армијата.

И Гуаидо и Мадуро тврдат дека ја имаат поддршката од војската.

На улиците на главниот град на Венецуела се забележуваат и оклопни возила и како што пренесуваат странските медиуми започнува „венецуелското востание“.

На социјалните мрежи се појави видео-снимка на која се гледа како оклопно возило на националната гарда на Венецуела се движи директно кон група демонстранти и гази преку нив. Претходно, демонстранти фрлаа камења и удираа со стапови по оклопното возило.

По инцидентот, Гуаидо ги повика припадниците на армијата да му се придружат.

Гуаидо за странските медиуми изјави дека државниот удар е во тек.

Гуаидо денеска изјави дека ја почна „завршната фаза“ од својот план да го смени претседателот Николас Мадуро, повикувајќи ги Венецуелците и армијата да го поддржат „и да и стават крај на узурпацијата на Мадуро“.

Тој на својот профил на Твитер објави видео на кое држи говор во присуство на луѓе во воени униформи и опозицискиот политичар Леополд Лопез, кој е во куќен притвор.

– Националните вооружени сили донесоа исправна одлука и сметаат на поддршката на венецуелскиот народ, рече тој.

Приврзаниците на претседателот Мадуро, пак, денеска се собраа пред претседателската палата извикувајќи слогани за поддршка, а тој наведе дека високи воени лидери го увериле во неговата лојалност и покрај апелите на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо до армијата.

Претходно, Мадуро преку Твитер повика на „максимална масовна мобилизација со цел да се обезбеди победа на мирот“.

Во меѓувреме, венецуелските министри за одбрана и за комуникации и информации, Владимир Падрино и Хорге Родригез објавија дека владата го потиснува планот за државен удар на кој повика Гуаидо.

Падрано рече дека вооружените сили се посветени на одбраната на уставот и легитимните власти и дека состојбата во касарните низ целата земја е „нормална“.

– Нашите вооружени сили, храбри војници, храбри патриоти, храбри луѓе кои го почитуваат Уставот, дојдоа на нашиот повик. Заедно излеговме на улиците на Венецуела. Денот на трудот почнува денеска, конечниот крај на узурпацијата почнува денеска. Ние сметаме на граѓаните на Венецуела. Денеска армијата е на страната на народот, на страната на Уставот, истакна Падрано.

Родригез, пак, рече дека властите во Каракас целосно ја контролираат базата Франциско де Миранда, каде што опозицискиот лидер Хуан Гуаидо сними видео и го објави на Твитер, во кое ја повикува војската да излезе на улиците.

– Апсолутно сите воени единици и воената база остануваат лојални на претседателот Николас Мадуро и го поддржуваат Уставот, рече Родригез.

Владата на Венецуела претходно соопшти дека тоа е мало востание и го обвини Гуаидо за започнување државен удар.

Министерот за надворешни работи на Венецуела, Хорхе Ареаза ја обвини администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп дека организира и поддржува државен удар во Боливарската Република.

– Администрацијата на Трамп очајнички се обидува да креира внатрешен судир во Венецуела. Демократските институции на Венецуела ќе бидат во состојба да гарантираат мир во земјата, порача Ареаза во одговор на пост на Твитер на американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон, кој ја повика војската на Венецуела да застане на страната на опозицијата.

За најновите настани во Венецуела реагираа Белата куќа, Кремљ и претседателот на Европскиот Парламент.

Белата куќа наведе дека претседателот на САД, Доналд Трамп ја следи ситуацијата, додека Кремљ наведе дека за Венецуела претседателот на Русија, Владимир Путин разговара со постојаните членки на рускиот Совет за безбедност.

На најновите настани во Венецуела реагираше и претседателот на ЕП, Антонио Тајани, кој на Твитер напиша дека денеска „е историски момент за враќање на демократијата и слободата во Венецуела, што секогаш има поддршка од ЕП“.