Судир на авион и автомобил во Загреб
На аеродромот „Фрањо Туѓман“ во Загреб се случи несреќа.
Авионот SAAB 340 на Fleet Air International вечерта слетал на пистата 04 и продолжил да се движи кон паркингот, но му откажале сопирачките и удрил во т.н. возило „следи ме“, пишува денеска порталот АвиоРадар.
Несреќата се случила во понеделникот вечерта, а авионот застанал пред карго терминалот на аеродромот.
Според неофицијални информации на порталот, на авионот му откажале сопирачките поради истекување масло.
Во несреќата нема повредени, а сѐ уште не е утврдена точната материјална штета.
Хрватскиот портал Индекс јавува дека се работи за авион стар 34 години кој се одржува и патува на релација Загреб – Сараево.
Од аеродромот потврдија дека оваа несреќа навистина се случила за време на паркирањето на авионот и дека нема повредени.
Оттаму изјавија дека настанот бил пријавен во Агенцијата за воздухопловни, поморски и железнички несреќи.