Судијката од финалето во Истанбул доби високи оценки


Стефани Фрапар, која стана првата жена што водеше дуел од европски клупски турнир за мажи, беше пофалена од фудбалските експерти на Островот.

Французинката имаше чест и одговорност да го предводи судирот за Суперкупот на Европа меѓу европскиот клупски шампион Ливерпул и освојувачот на Лигата на Европа, Челзи.

Натпреварот мина низ ВАР интервенција, досуден пенал, протести на играчите, продолженија и конечно изведување на пенали.

По крајот, некои од најистакнатите имиња во Англија зборуваа на адреса на Фрапар и нејзината презентација. Поранешниот играч од средниот ред на Челзи, Џо Кол, сподели позитивни зборови пред „БТ Спорт“.

– Таа добро се снајде, ја остави играта да тече и донесе многу важни одлуки. Таа се справи фантастично, изјави Кол.

Поранешниот репрезентативец на Англија, Глен Ходл, призна за физичката состојба во која судијката се наоѓаше во тешките услови во Истанбул.

– Дојде до продолженија и за самата неа. Темпото е побрзо кај мажите, но таа најде сили и заврши одлична работа, вели Ходл.

Нејзини асистентки беа Мишел О’Нил и Мануела Николоси.