Судијката Чуктан го предупреди Трамп да не дава „запаливи“ изјави пред судењето


Доналд Трамп во судницата пред да почне читањето на обвинението

Американската сојузна судијка Тања Чуктан го предупреди поранешниот американски претседател Доналд Трамп да не дава „запаливи“ изјави кои би можеле да влијаат врз поротата пред почетокот на судењето.

Меѓутоа, судијката Чуктан одлучи Трамп да може јавно да споделува дел од нечувствителните докази што обвинителството му ги става на располагање на неговиот правен тим, пренесува Би-би-си.

Трамп е обвинет дека стои зад заговорот за поништување на резултатите од претседателските избори во 2020 година.

Одлуката на судијката Чуктан е удар за специјалниот советник на обвинителството, кој изрази загриженост дека Трамп би можел да открие доверливи материјали и да ги заплаши сведоците.

На вчерашното 90-минутно сослушување во Вашингтон, судијката кажа дека овој историски случај се одвива нормално.

-Тој (Трамп) е обвинет за кривично дело. Тој ќе има ограничувања како и секој друг обвинет. Фактот што обвинетиот е ангажиран во политичка кампања нема да му дозволи повеќе или помалку слобода од кој било обвинет во кој било кривичен предмет , рече таа.

Тоа што Трамп смее и може јавно да открие е тема на една од неколкуте правни битки меѓу правниот тим на поранешниот претседател и сојузните обвинители.