Судијата Ристов се чувствува невин, судењето било „холивудско сценарио“
Не се чувствувам виновен ниту за првото, нити за второто кривично дело со оглед на правната квалификација, беше изјавата денес на поранешниот судија од Апелација, Ѓоко Ристов, кој е суспендиран откако Обвинителството му најде пари заѕидани во цигли во кујната во куќата на неговиот дом во Неготино.
Обвинителката Искра Хаџи Василева во воведниот говор порача дека ќе докаже дека Ристов лажел и го прикривал својот имот, му биле најдени 350 илјади евра кои се всушност 450 просечни плати и за овие пари и за големиот имот тој нема покритие. Таа рече дека ќе докаже дека парите во семејната куќа биле негови, стекнати со трговија на влијание. Хаџи Василева ќе докажува и перење пари.
Токму на ова кривично дело детално му се посвети Ристов, дека Обвинителството нема да може да го докаже.
Неговиот адвокат Звонко Давидовиќ пак рече дека ќе докажат дека ѕидовите зборуваат, а доказите молчат и дека ова е холивудско правно издржан филм, користејќи го емотивниот набој на јавноста. Тој најави дека ќе докажат дека парите се на неговите родители и дека нивниот имот е легално стекнат.
Ристов падна откако прво беше уапсен поранешниот државен правобранител Фехми Стафа кој во Обвинителство ги пријави контроверзниот обвинет и осуден бизнисмен Љупчо Пецов Ѓаволот. Тој пријави дека Стафа му барал пари за да издејствува домашен притвор кај Ристов додека е во бегство.