Судијата Ненад Савески ги отфрла обвинувањата на Јасна Мандиќ од „Меѓународен сојуз“


Судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд во Скопје, Ненад Савески, тврди дека никој не влијаел на неговата одлука по барањето за притвор за обвинетата во случајот „Меѓународен сојуз“, Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ.

„Ви тврдам со мојот личен и професионален интегритет дека ниту во овој предмет ниту во кој било друг, ниту некој ми се јавил, ниту некој на каков било начин ми се обратил и влијаел јас да донесам одлука за конкретен предмет. Во овој предмет такво нешто немало. Ова е сериозен напад на мојот углед како судија кој го градам од 2009 година во правосудството“, вели Савески во коментар за МИА.

Овој негов коментар е реакција по вчерашното вчерашното рочиште за „Меѓународен сојуз“, на кое се презентираа пораки од комуникацијата на Мандиќ-Ерцеговиќ. Од обвинителството ги читаа пораките кои биле извадени при вештачењето, а обвинетата потоа приговараше дека дел од комуникацијата не е лично нејзина, туку ѝ била препратена комуникација од други лица.

Наводно, станувало збор за наводна комуникација помеѓу премиерот Зоран Заев и неговиот поранешен советник Зоран Башановиќ. Башановиќ, исто така, наводно ургирал кај премиерот Мандиќ-Ерцеговиќ да не оди во притвор барајќи „ако може некако да среди“.

На тоа, Заев наводно одговорил: „Знаеш дека тоа зависи од обвинителството и судот. Ќе видам што можам да направам“.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бараше притвор за Мандиќ-Ерцеговиќ, но судијата на претходна постапка одлучи таа да добие куќен притвор. Тој тврди дека таа одлука ја донел самостојно врз основа на доказите и околностите.

„Јавно го повикувам Судскиот совет да изврши контрола врз тој предмет да се види како сум ја донел јас таа одлука. Во предметот од страна на Обвинителството за организиран криминал и корупција имаше предлог за одредување мерка притвор, јас го одбив таквиот предлог и определив куќен притвор. Таа одлука е донесена врз основа на докази и околности врзани со личните и семејни материјални прилики кај обвинетата за кои одбраната ми достави материјални докази и во случајов применет е комплетно законот за КП, како и меѓународните стандарди кои произлегуваат од Конвенцијата за заштита на човековите права и слободи“, нагласува судијата Савески.

Судијата порачува дека е спремен и да го даде неговиот телефон на вештачење за да се утврди дали со некој имал комуникација конкретниот ден, пред или потоа.