Судијата ќе бара на писмено зошто не ги спроведоа Јанакиески и Божиновски


Судијата Осман Шабани ќе бара и писмено известување од СВР-Скопје зошто двајцата обвинети во случајот „Титаник“, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, завчера полицијата не ги спроведе од домашен притвор на судското рочиште. Судот уредно доставил наредби за спроведување на двајцата обвинети до полициските станици Карпош и Центар. Во полициската станица Центар, која е надлежна за спроведување на Божиновски, судијата го известиле дека била направена грешка, односно полициски службеник погрешил при проследувањето на наредбата за спроведување. Против него е поведена постапка за дисциплинска одговорност. За наредбата испратена до полициската станица Карпош, надлежна за спровод на Јанакиески, нема доказ за доставување и уште се утврдува што точно се случило.

Групата држави против корупцијата ГРЕКО, во евалуацијата на земјава во делот кој се однесува на судската власт, во извештајот за 2017 година констатира дека Македонија на хартија има воспоставено прилично широка политичка, правна и институционална рамка за спречување и борба против корупцијата, но системот на кривична правда не е успешен.

„Иако Специјалното јавно обвинителство оформи предмети во суд за неколку случаи на корупција на високо ниво, кои произлегуваа од скандалот со прислушување, обвинителите генерално не гонат систематски случаи од висок профил или политички чувствителни случаи. Се смета дека напредокот во оваа област силно зависи од тоа дали на судството во земјата може да почне да функционира независно и непристрасно. Во периодот од посетата на државата, евалуацискиот тим на ГРЕКО е информиран за некои позитивни случувања кои вклучуваат криминализација на корупција од висок профил“, пишува во извештајот.

Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, гарантира дека Судскиот совет го спроведува новиот закон за ова судско тело кој беше донесен на 30 мај годинава.

„Ако внимателно ги следиме судските процеси, можеме да констатираме дека судиите постапуваат по однос на обвиненијата, по однос на барањата на обвинителот и ги спроведуваат кривичните постапки. Сигурно и тие во текот на водењето на постапката се судираат со некои проблеми кои им ја наметнуваат потребата да ги одлагаат рочиштата“, вели Здравев.

 

Со Законот за Судски совет при оценувањето на судиите се предвидени два вида критериуми, квалитативни и квантитативни. Во рамките на квалитативните критериуми, според Здравев, се цени квалитетот на водење на постапката, потоа времетраењето на постапката во смисла на тоа дали се почитуваат роковите кои се предвидени во законот.

„Независноста и самостојноста на судството е најбитно во правораздавањето. Целта на Судскиот совет е да обезбеди и да ја гарантира самостојноста на судството. Постапување на кој било судија надвор од тие принципи и правила повлекува и негова одговорност. Ако има судии што постапуваат спротивно на законот, ќе преземеме и конкретни мерки“, вели Здравев.

Пендаровски го смени предлогот на Иванов за член на Судски совет

Новиот претседател Стево Пендаровски го предложи Милазим Мустафа за нов член на Судскиот совет на местото на Беким Реџепи. Неговото место во Советот е празно од декември минатата година. Претходниот претседател Ѓорге Иванов со допис од 25 декември минатата година достави предлог до Собранието со кој го предлага Бујар Сабриу за кандидат за член на Судски совет. Но, поради одржувањето на претседателските избори, Собранието не било во можност да го разгледа предлогот. По изборот на Пендаровски за нов претседател, тој го повлекува Сабриу како кандидат за член на судскиот совет од редот на немнозинските заедници и на негово место го предлага Мустафа. Според неговата биографија на интернет-страницата на Собранието, Мустафа нема ниту еден ден работено како судија, од 2005 до 2017 година работел како државен службеник во Владата и во Министерството за правда. (Ф. Ф. С.)