Судија од Кочани го направи ажурен судот во Берово: Како кубурат помалите судови?


Од Министерството за правда информираат дека Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС во судовите изврши надзор во четири основни судови во државата, Берово, Крушево, Кратово и  Куманово  при што ги констатираше следните состојби :

-Нецелосно почитување на законските одредби за исклучување и вклучување како и изземање на судии од АКМИС

 – Недоволен број на судии во помалите судови со основна надлежност   

  -Недоволен број на информатичари во судовите

 -Неконтинуирано архивирање на предмети и немање соодветен архивски простор, се чуваат во подруми

 -Нераспишување на огласи за вработување и унапредувања и покрај добиената согласност од страна на поранешни претседатели

 -Тонското снимање главно не функционира

 Ова се само дел од забелешките на Комисијата за извршениот надзор во првите шест месеци од годинава.

Министерството за правда и во наредниот период ќе остане да биде транспарентно и ќе ги објавува на својата веб страница сите записници од извршените надзор во судовите.

Судот во Берово

Судот во Берово има само еден судија, иако според систематизација превидени се тројца, и тој е делегиран од Кочани. Судијата еден ден суди, другиот ден го пишува предметот. За превоз добива надомест, но бидејќи меѓу Кочани и Берово нема јавен превоз, тој доаѓа со сопствено возило. Со истото возило оди и на увид, затоа што и покрај тоа што имало доделено 15.000 евра за набавка на службено возило, претходната претседателка на судот не набавила. Определени се и 2.000.000 денари за реновирање на зградата, но претходната судијка која е во пензија не ги искористила парите за таа намена, па зградата е со лош покрив, има една судница, нема простории за судиите и адвокатите. Нема соодветно загревање оти нема доволно пари за нафта. Знамето е истакнато на задната страна од зградата. Нема табла на влезот за странки, тонското снимање на функционира, апри дожд се поплавува просторијата каде се чува архивата.

Сепак Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС – от во судовите констатира дека ВД претседателот на судот Дарко Риство, делегиран од Кочани во јули 2022 година, судот го направил ажурен, совладан е заостатокот на нерешни предмети.

Судот нема информатичар, а уписниците ги водат дактилографи, место уписничар, при што се налага дел од дактилографите да бидат промовирани во уписничари.

Судот во Куманово

Овој суд има 18 судии, иако по систематизација треба да има 34. Заради тоа намалена е ажурноста на институцијата. Во судот има пет судници, каде има инсталирано тонско снимање, но судиите не сакале да го користат, па постојано во записник пишувале дека не е функција иако е функционален.

Архивска просторија има, но нема континуирано излачување на предмети, што е децениски проблем.

Во некои случаи предмети се распределуваат кај судии по налог, иако во судот има уште тројца судии со безбедносни сертификати, кои можат да го земат истиот предмет. Исто така, се изземаат судии без нивно барање, а постои сомнеж дали тие судии воопшто знаеле дека се изземени од системот во некои случаи. Комисијата укажала на претседателката на судот дека тоа тоа не е во согласност со Законот.

Судот во Крушево

Судот во Крушево работи со еден судија, иако по систематизација треба да има тројца. Ристо Сотиров во октомври 2022 година е назначен за Основниот суд Битола. Судот работи со 14 вработени, а треба да има 37 работни места без судиите. Секоја година бараат согласност за три работни места, курир, уписничар и доставувач, но не им се одобруваат, а годинава добиле согласност за приправник.

Доставата до околните села оди преку пошта, затоа што судскиот доставувач бил пензиониран, а неговото место не е пополнето.

Судот има две службени возила кои се стари повеќе од 30 годинии не се безбедни за зимно време. Иако барале средства за набавка на возило, пари не им се одобрени.

Судот во Кратово

Во овој суд има двајкца судии, иако по систематизација им следуваат тројца. За ВД претседател во декември 2020 година назначен е Мирослав Георгиевски.

Судот има две судници со инсталирано тонско снимање кои е во фуннкција. Иmа влез за инвалидизирани лица, но нема лифт, па во таков случај такво лице се сослушува во канцеларијата за односи со јавност.

Судот нема возило, па судијата на увид на лице место оди со некое од возилата на странките.

Архивска просторија има, но нема кој да врши излачување на предметите. Нема судски администратор, па тие работи ги извршува судскиот советник.

Сите предмети се распределуваат преку АКМИС системот.