Судиите не сакаат минималец


До Уставниот суд пристигнала иницијативата на Здружението на судии со која бараат, уставните судии да оценат дали одлуката на Владата да им се исплати минимална плата е уставна или не. Таму веќе има оформен предмет за намалените плати на именуваните функционери во кој се вбројуваат и судиите по иницијатива која веќе ја поднело физичко лице.

Во Судскиот совет вчера имале седница, но ќе реагираат откако ќе донесе одлука  Уставниот суд.

„Судскиот совет не може да реагира. Ако се има предвид состојбата во која се наоѓа државата, од економски аспект дека се бркаат работници, ние не можеме да реагираме и да кажеме дека Владата не можела да донесе ваква одлука. Не можеме да се мешаме ни во одлуката на поединци-судии да поднесат иницијатива до Уставниот суд“, вели Киро Здравев, Претседател на Судски совет.

Одлуката да се оспори оваа владина уредба дошла од подружница на Здружението на судии – Граѓанскиот суд во Скопје. Иницијативата била одобрена од останатите подружници на здружението, а Управниот одбор ја прифатил едногласно. Здружението на судии смета дека Владата се замешала во работата на судската власт.

Инаку, платите на судиите се движат од 55 до 85 илјади денари. На 11 месецов, владата донесе уредба со сила на закон и ја намали платата на минималец на над 2 илјади функционери за два месеци.

Според пресметките, заштедата за државата по овој основ е околу два милиони евра месечно.