Судиите ќе се спасуваат преку Врховен?


Иницијативата што ја поднесоа двајца адвокати, Анита Бегова и Ѓоко Шајн, до Врховниот суд ја отвори дилемата дали по барањата за утврдување одговорност за судиите пред Судскиот совет ќе се одлучува според стариот или новиот Закон за судови. Со новиот закон се отвора можноста судиите за кои е поднесено барање за утврдување одговорност, односно за разрешување, меѓу кои е и претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, да поминат само со дисциплинска мерка.

Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски во изјава за „Независен весник“ потврдува дека за четврток е закажана општа седница на која ќе се разгледуваат три иницијативи поднесени од адвокати, а меѓу нив е и оваа. Сепак, тој вели дека оваа седница е прва фаза, односно утре ќе се решава дали има основа да се донесе правно мислење.

„Во оваа фаза ни случајно не може да се донесе правно мислење по која било од иницијативите, туку доколку се утврди дека има основа, такво правно мислење би се донело на некоја од наредните седници“, вели Вангеловски.

За него нема ништо сомнително во оваа иницијатива. „До нас секојдневно стигнуваат различни иницијативи и ние имаме обврска да ги разгледуваме“, вели Вангеловски.

Другата теза што се пласира во јавноста е дека адвокатите ја поднеле иницијативата бидејќи имало судии кои биле разрешени со примена на одредба на закон кој престанал да важи. Претседателот на Врховниот суд, чие име веќе две години се развлекува по медиумите, а барањето за негово разрешување никако не стигнува на дневен ред пред Судскиот совет, тврди дека оваа иницијатива не е спас за него.

„Јово е спасен од моментот кога се родил, затоа што може да живее во која било ситуација, со или без претседателското место, за разлика од некои други. Јас можам утре да си одам и пак ќе си живеам убаво како што си живеам“, ни изјави Вангеловски, кој сепак ја протнува тезата дека ако има нов закон треба да се постапува по новиот закон.

Од Судскиот совет потврдија дека имало разрешено судии по стариот закон бидејќи нивните постапки биле од пред една и пол година. Иако барањето за одговорност на Вангеловски е поднесено пред две години, од Судскиот совет не прејудицираат според кој закон ќе се постапува по него. Од Судскиот совет велат дека и новиот закон предвидува разрешување на судии, а не само дисциплински постапки.

„Новиот закон не предвидува само дисциплинска постапка, предвидува и разрешување за потешка дисциплинска повреда и разрешување поради нестручно и несовесно вршење на функцијата. За полесни дисциплински повреди има други мерки, ама во законот прецизно е наведено за кои повреди се изрекува потешка дисциплинска мерка разрешување, а за кои полесни дисциплински повреди“, велат од Судскиот совет.

Иницијативата за разрешување на Вангеловски и уште двајца судии од Врховниот суд беше поднесена бидејќи му го укинаа притворот на бизнисменот Сеад Кочан. (Ф.Ф.С.)