Судиите го разгневиле Заев: Ова е дрско и безобразно


Фото: Б.Грданоски

Исто како и пред изборите, пред да дојде на власт во 2016 година, кога најавуваше дека ќе го распушти судството, премиерот Зоран Заев и пред сегашните избори удри по судиите бидејќи не пресудиле за ниту еден предмет за кој токму тој како опозиционер ги објави индициите за криминал. Заев бил огорчен откако прочитал во медиумите дека и случајот „Тортура“, за нечовечкото апсење на поранешниот министер Љубе Бошкоски, почнал од почеток, откако на почеток се вратија и судењата за шлаканиците во Општина Центар и за случајот „Тотал“. Сега наместо реизбор на судии, Заев најавува ветинг.

„Јас сум Заев, тој што се бореше и што ги вадеше индициите за криминал и тоа го правев за да има казна, за да има процес кој ќе ја испрати пораката дека нема да се повтори. Секој прес завршуваше со зборовите „да не се повтори повеќе“. Но не можете да кажете дека судиите се тие што навремено, брзо ефикасно и ефективно ги носат одлуките. Што и да е, ќе го предизвика премиерот, не како премиер, туку како политичар да каже – тргнувам со ветинг, па што сака нека е. Па, ова е дрско и безобразно. Па, може кој било поротник да се договори да си оди и да се врати предметот назад. Како може така, па им должиме на граѓаните ако не повеќе“, рече Заев во интервјуто за 24 Отворено.

Истото што го пишуваат медиумите со месеци, за одложувањето на рочиштата, Заев завчера го констатираше во интервјуто иако досега не реагираше вака бурно за закочените процеси на СЈО, за кои беа поднесени обвиненија и во 2016 година, а уште нема пресуди.

„Овој суд го предизвикувам, чувствува или не чувствува одговорност? Не мора како судијката Кацарска по 12 часа да држи рочишта. Но има начин како да се распределат рочиштата. Нека пресудат, нека кажат слободни се, не се виновни, но нека донесат пресуда. И тие имаат своја одговорност, народ ги плаќа, и судиите и обвинителите“, порача Заев во интервјуто.

Заев има желба да спроведе ветинг, но не гарантира со сигурност дека ќе го спроведе, само знае дека тоа треба да биде кредибилен процес што, ако се подготвени,може да почне и покрај одлуката за предвремени парламентарни на 12 април.

„Ветингот можеме да го почнеме ако сме подготвени. Почетокот на ноември ќе ги одржиме состаноците да видиме сите дали сме подготвени бидејќи и во извршната власт не зависат работите само од нас, имаме коалициски партнери. Треба да договориме решителност, влегуваме во оваа работа или не влегуваме. Во МВР ќе продолжат, тоа зависи од министерот за внатрешни работи, но и во правосудството мора да направиме кредибилен процес бидејќи тие не се под извршната власт, тоа е друга независна власт. Процесот мора да биде кредибилен оти ако го промашиме заради тоа што Заев имал чувство дека треба ветинг ништо нема да направиме. Процесот треба да биде кредибилен, и секој судија да добие втора шанса. Ако е чесен, да го помине филтерот да си остане судија, тој што не е чесен, ако не го помине филтерот, да знае дека треба да си оди. Ќе се проверува нивната имотна состојба и на нивното семејство“, вели Заев.

Заев дојде на власт со ветување дека ќе направи реизбор на сите судии и сдека ќе ги врати сите пари на граѓаните во независна судска постапка. Но ветувањето не го исполни со образложение дека Европа не дозволила реизбор бидејќи земјава нема резервоар на судии со кои ќе се пополнат испразнетите места.

Сепак, власта во овие години не успеа да создаде резервоар на судии бидејќи Европа не дозволувала стручните соработници со долгогодишно искуство да завршат само неколкумесечен курс во Академијата за судии и да почнат работат како судии. Моментално има 520 судии, а потребни се 750. Сега, кога ЕУ ни кажа дека не сака да не прими во европското семејство, од денешен аспект на Заев му било криво што ја послушал, но уверуваше дека му ветувале дека кога ќе добиеме датум овие реформи ќе биле ставени на брза лента.

За пораките од премиерот до судиите нема ниту една реакција од судиите, ниту од претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев. Министерката за правда Рената Дескоска за „Независен весник“ вели дека нивната заложба како партија уште од почеток била да се спроведе ветинг во судството. Според неа, подобро е да има помалку чесни судии отколку оптимален број на судии кои ќе работат неодговорно. (Ф.Ф.С.)