Судиите бараат да бидат вклучени во законските измени за правосудството

Потребата од суштински реформи, поголема ефикасност на судските постапки и унапредување на судската автономија беа во фокусот на судиската конференција „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапките“, што се одржува денеска организирана од Здружението на судии на РСМ со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
-Потсетуваме на уникатната одговорност на правосудниот систем да ги заштити човековите права и да осигура дека правдата е овозможена. Сите сме свесни за предизвиците кои потекнуваат од притисоци, бавни постапки и корупција. Токму овие предизвици ја намалија довербата на јавноста во правосудниот систем, изјави амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Тој нагласи дека фокусот на ефикасноста на постапките не е само административно прашање.
-Ова не е само техничко подобрување. Тоа е стратегиска насока – правдата, кога се спроведува брзо и транспарентно, ја зајакнува целата демократија, рече амбасадорот Вал.
Како што посочи, во наредниот период Мисијата на ОБСЕ ќе се фокусира на поддршка на легислативни реформи и институционални подобрувања.
-Веруваме дека преку реформи, инвестиции и акција можеме да ја обновиме довербата на граѓаните. Правдата мора да превладее, не само во теорија, туку во пракса. Само преку акција се случуваат промените, нагласи тој.
Иван Џолев, претседателот на Здружението на судии, повика на единство и соочување со реалните предизвици во системот.
-Идејата на оваа конференција е да покажеме дека сме обединети. Сите судии се соочуваат со истите ограничувања – од недостаток на човечки ресурси, преку нефункционалност на одредени државни служби, до проблеми со пренатрупаност во притворите. Не можеме да останеме неми сведоци кога овие проблеми директно влијаат на граѓаните и го нарушуваат угледот на судството, рече Џолев.
Осврнувајќи се на актуелните случувања, Џолев ја истакна и потребата од институционална мобилизација.
-Токму несреќата во Кочани треба да биде аларм – потсетник дека мора да постапуваме поефикасно, особено во предистражните и истражните постапки нагласи тој.
Додаде дека судиите треба активно да се вклучат во најавените законски измени бидејќи, како што посочи, токму судиите ги знаат проблемите за нивно извршување.
Александар Камбовски, претседател на Судскиот совет, ја истакна поврзаноста меѓу судската независност и финансиската автономија.
-Независноста на судството не е привилегија на судиите, туку суштинска гаранција за правата и слободите на сите граѓани. Судот не може да биде независен ако не располага со финансиска автономија. Реформите мора да значат суштински промени – не само законски измени, туку промена во организацијата, пристапот и менталитетот во системот, рече тој.
Џемали Саити, в.д. претседател на Врховниот суд, беше дециден дека институционалната координација меѓу гранките на власта е клучна.
– За жал, и покрај бројните реформи, денеска како да сме на самиот почеток. Исти дебати, исто залагање, нова надеж, а старите проблеми сè уште не се надминати, рече Саити.
Тој порача дека носителите на правосудни институции треба да бидат двигатели на промените.
-Особено е важен професионалниот пристап и интегритет на сите нас. Додека, Судскиот совет и Врховниот суд треба да бидат двигатели на овој процес, рече тој.
Конференцијата продолжува со панел-дискусии, каде се очекува судиите и правните експерти да понудат конкретни предлози и решенија за подобрување на функционирањето на правосудниот систем.