Судењето за „Рекет” закажано за 3 декември


Фото: Б. Грданоски

Првото рочиште за предметот „Рекет“ во кој се обвинети Бојан Јовановски – Боки 13, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и Зоран Милевски-Кичеец е закажано за 3 декември.

Согласно АКМИС – електронскиот систем, предметот е распределен кај судечки совет со кој претседава судија Николовска – Масевска.

Според обвинението, што го покрена Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на 10 октомври, Јовановски и Милевски се товарат за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“, a Јовановски и за „Перење пари и други приноси од казниво дело “. Јанева се товари дека сторилa кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“.

Случајот „Рекет“, Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори во јули годинава, против Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец, за потоа истрагата се прошири и кон специјалната обвинителка Катица Јанева. Јовановски и Јанева се во притвор во Затворот Скопје, а Зоран Милески-Кичеец со одлука на судот беше префрлен во домашен притвор.