Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани почнува на 19 ноември
Уште две судијки се изземале, како втор член на судечкиот совет ќе постапува судијата Ахмед Идризи
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени, ќе почне на 19 ноември годинава во судницата во КПУ „Идризово“, соопшти Кривичниот суд.
Обвинителниот акт поднесен првично од ОЈО Кочани па со решение на Јавниот обвинител на РСМ, доделен во надлежност на Скопското јавно обвинителство, беше одобрен во целост, а согласно АКМИС – системот, распределен на понатамошно постапување кај судија Дијана Груевска-Илиевска.
„Заради интерес на медиумите и невладини организации кои ја следат работата на судот, но и заради транспарентно известување на јавноста во однос на конкретниот предмет, информираме дека покрај судиите кои се изземаа од постапување пред оцена на обвинителниот акт, дополнително и судиите Тамара Витларова–Смилевска и Илина Смичковска–Илиевска се изземаа од постапување по предметот заради исполнување на законските одредби односно лично познанство со дел од оштетените, наведуваат од Кривичниот суд.
Како втор член на судечкиот совет, кој ќе постапува по предметот, согласно измените на годишниот распоред за постапување на судиите, ќе постапува судијата Ахмед Идризи.
Дополнително, заради ефикасно и економично постапување, определени се повеќе термини за главна расправа односно 25.11.2025 год., 26.11.2025 год., 2.12.2025 год., 4.12.2025 год., 10.12.2025 год. и 11.12.2025 година, а по отпочнување на расправата ќе се усогласат и дополнителни термини. Поканите до странките се веќе во фаза на достава.
Од Кривичниот суд укажуваат дека со оглед на бројот на обвинети и интересот кај медиумите, сите учесници во постапката треба да бидат присутни во судницата најмалку еден час пред закажаниот термин, заради неопходните безбедносни процедури како и навремено отпочнување со расправата, а сите акредитирани медиуми навреме да ги обезбедат неопходните дозволи за снимање и фотографирање од Врховниот суд.
Родителите од Кочани од утре почнуваат едночасовни блокади сѐ до почетокот на судењето
Блокадата привремено прекината – очекуваат фер судење
Со соопштение до јавноста се обратија родителите и семејствата на трагично починатите деца во пожарот во дискотеката „ПУЛС“ – Кочани, веднаш откако Основниот кривичен суд од Скопје денеска објави дека судењето започнува на 19 ноември во судница во КПУ „Идризово“. Во пожарот во кочанската дискотека загинаа 63 лица, а над двестe завршија со тешки телесни повреди.
Во врска со кривично-правниот предмет К.бр. 1872/25, поврзан со трагичната несреќа во дискотеката „ПУЛС“ во Кочани, денеска добивме сознание дека главната расправа е закажана за 19 ноември 2025 година (среда), со почеток во 09:30 часот, во судницата при КПУ Идризово, се наведува во соопштението, што МИА интерално го пренесува:
– Ние, родителите и семејствата на починатите деца, соопштуваме дека со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество.
Очекуваме фер, транспарентен и непристрасен процес, во кој секој што има одговорност ќе ја понесе. Нашата болка е вечна, но нашата борба е и за сите идни генерации – никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија.
Бараме јавноста, медиумите и институциите да го следат овој процес со должно внимание, бидејќи ова не е само судење за еден пожар – ова е судење за човечноста, совеста и одговорноста.
Воедно, Ве известуваме дека, бидејќи добивме датуми за рочишта, секојдневните блокади ќе бидат привремено прекинати, но со Маршевите продолжуваме секоја сабота – како симбол на нашата упорност и борба за вистината, стои во соопштението од родителите и семејствата на настрадaните во пожарот во Кочани.