Судењето за „Плацеви на Водно“ дојде до крајот – обвинителката бара максимална казна за Груевски

Обвинителката побара минимална казна за Орце Камчев, повисока за Сашо Мијалков, а условна за Ристо Новачевски


 

Еден од најинтригантни случаи поврзани со корупција во кои е вмешан поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, се движи кон самиот крај, барем во својата првостепена постапка. Обвинителката Лиле Стефанова денеска во своите завршни зборови побара максимална затворска казна за Груевски, конфискација на земјиштето на Водно и во Крушево, на двата стана на улицата „Бихаќска“ во Скопје, како и на трите луксузни апартмани во зградата „Панорама резиденс“.

За другите обвинители Стефанова беше поблагонаклона – за Орце Камчев побара минимална казна, за Сашо Мијалков повисока, а за кумот од првиот брак на Груевски, Ристо Новачевски, само условна. Обвинителството се откажа од гонењето на мајката на Камчев, Ратка Куновска-Камчева, поради застареност на делото.

Образложувајќи зошто бара максимална казна за Груевски Стефанова рече фактот што тој е во бегство е еден од отежнувачките фактори. „При одлучувањето на видот и висината на казната за Груевски, за кој сметам дека во целост се утврдија кривичните дела што му се ставаат на товар, судот да има предвид дека обвинетиот цело време како премиер и претседател на политичка партија ја користел својата позиција да се скрие неговиот имот и тоа го правеше до крај, до завршувањето на оваа постапка“.

Околу улогата на Сашо Мијалков обвинителката нагласи дека и покрај тоа што негирал дека прежел дејствија во ова кривично дело, преку исказите на сведоците Александар Ивановски и Мето Стојчевски се покажало токму спротивното – „тој ги презел дејствијата на извршување што му се ставаат на товар и го сторил кривичното дело перење пари, бидејќи знаел дека имотот се купува за Никола Груевски, дека парите се од кривично дело, а сепак ги презел дејствијата на извршување почнувајќи од 2012 завршувајќи до 2020 година“.

Стефанова го пофали Ристо Новачевски, управител на фирмата „Сирах инженеринг“, дека како единствен од обвинетите од самиот старт во јавното обвинителство го опишал начинот како било работено, ги признал извршувањето на дејствијата и уште во самата истрага придонел во откривањето на дејствијата и сторителите на кривичните дела.

За Ненад Јосифовиќ и за Орце Камчев, кој потоа преку своите фирми ја презел сопственоста на земјиштето, таа побара казните да се движат кон минимумот предвиден со законот, затоа што преку нивните искази се разјаснило кривичното дело.

„Во поглед на обвинетите Неанд Јосифовиќ и Јордан Камчев, нивните искази, иако дадени на крајот на оваа постапка, ги ценам како олеснителни околности и на судот му предлагам за нив да определи казна која би се движела кон законскиот минимум“, рече Стефанова. (Н.В.)