Судењето за Латас по третпат почна од почеток


И судењето за случајот што го отвори Специјалното јавно обвинителство „Тотал“, во кој е обвинет новинарот Драган Павловиќ-Латас, вчера почна од почеток поради истата причина поради која се врати на почеток судењето за „Шлаканиците во Општина Центар“, односно бидејќи поминале 90 дена од последното одржано рочиште.

Обвинетиот Латас повторно се изјасни за вина и пред судот рече дека не се чувствува виновен, по третпат.

„Ниту суштински ниту фактички сум сторил даночно затајување, ниту се препознавам во обвинението. Не се чувствувам виновен бидејќи постапката се темели на неколку незаконски дејствија. Прво обвинителството достави вештачење од неовластен вештак. Не се чувствувам виновен што имам седум решенија на УЈП, единствен овластен орган за утврдување на даноци, кои утврдиле дека не должиме даноци. Како и секој друг управител што работи според закон и јас сум дејствувал според решенијата на УЈП“, рече Латас во своите воведни зборови. По излагањето на Латас, рочиштето се одложи за 22 октомври.

Случајот „Тотал“ се однесува на даночно затајување од страна на новинарот Драган Павловиќ-Латас како сопственик и управител на фирмите за маркетинг и консалтинг услуги „Тотал маркетинг“, „Медиамакс“ и „Тотал медиа центар“.

Павловиќ-Латас се товари дека во периодот од 2008 до 2015 заедно со правни лица, со намера да одбегнат плаќање даноци во завршните сметки и даночните пријави, давал лажни податоци. Правните лица го оштетиле буџетот за 121 илјада евра, а Павловиќ-Латас за 63 илјади евра.

По една ослободителна пресуда за новинарот за првиот случај на СЈО, „Тревник“, другиот случај што го отвори СЈО против него „Тотал“, почнува од почеток по трет пат.

Во предметот „Тотал“ досега се сменија тројца судии Софче Гаврилова-Ефремова, Славица Наумова-Јосифовска, а сега случајот го води судијата Ѓоко Ристов. Првото рочиште се одржа на 5 декември 2017 година, а сега повторно почнува од почеток.

Досега на почеток се вратија три случаи на Специјалното јавно обвинителство. Најпрвин случајот „Тортура“, во кој е обвинет поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за нечовечкото апсење на поранешниот министер Љубе Бошкоски, бидејќи еден од судиите поротници поднесе оставка. Завчера од почеток почна судењето за случајот за шлаканиците во Центар, а вчера судењето за Латас.

Вчера требаше да се одржи рочиште и за предметот „Титаник“, но се одложи поради отсуство на обвинителката Лиле Стефанова. Таа го известила Судот дека има состаноци со оценската мисија на ЕУ која е во земјава и прави скрининг на состојбите во правосудството. Освен Стефанова, во судница не се појави ниту адвокатката по службена должност на бегалецот Никола Груевски, кој е во Будимпешта. И таа известила дека има други обврски.

Во „Титаник“ за изборни нерегуларности, покрај Груевски, обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко и други.

Освен судските предмети на СЈО, неизвесна е и судбината на истрагите кои ги има отворено ова обвинителство по спорниот рок, 30 јуни 2017 година. Според начелното правно мислење на Врховниот суд, СЈО е нанадлежно да отвора истраги, да покренува обвиненија или какви било други дејствија по спорниот рок, па со ова се отвора прашањето дали сега редовното обвинителство кое презеде сè од СЈО ќе треба одново да собира истраги. Од редовното обвинителство велат дека тоа ќе се цени за секој предмет поединечно.

„Ќе се врши анализа на постоечката состојба во секој од предметите и ќе се постапува согласно надлежноста на јавното обвинителство за обезбедување законитост, ефикасност и ефективност на постапките“, велат од Обвинителството.

Редовното обвинителство од СЈО презеде 20 предмети во фаза на судење, 19 предмети по кои се спроведува истрага, шест предмети во предистражна постапка. Редовното обвинителство ги презеде, но предметите колабираа. (Ф.Ф.С.)