Судењето за „27 април“ продолжува на 18 септември

Судењето за организаторите на настаните од 27 април 2017 година во Собранието, продолжува на 18 септември откако на денешното рочиште беа сослушани седум поранешни пратеници.

На предлог на одбраната, на следното рочиште треба да бидат сослушани осум пратеници од поранешниот состав, меѓу кои и Талат Џафери.

Претходно денеска сведочеше Слаѓана Митовска, која во 2017 година била пратеник. Во својот исказ, таа рече дека Трајко Вељаноски како претседавач ги повикал да се откажат од збор, но дека таа како пратеник не сакала да се откаже од своето право и останала пријавена на збор.

Лилјана Кузмановска, која исто така, била пратеник во 2017 година, рече дека на 27 април седницата завршила во 18 часот и била закажана за наредниот ден во 11 часот.

– Во 18 часот, кога настана избор на претседател во Собранието, ние пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се повлековме и само скандиравме, изјави Кузмановска.

Прашана, дали во пратеничката група имале сознанија за некаков план воопшто за насилства, Кузмановска рече дека во тој момент тие како пратеници не знаеле дека ќе се случи тоа што се случи.

Претходно беше сослушан и Зоран Илиоски, кој во 2017 година бил пратеник во Собранието, зборуваше за текот на Конститутивната седница и собранискиот Деловник.

Прашан дали како член на Извршниот одбор на партијата учествувал во изработка на некаков план или носење одлука за насилство, Илиоски рече дека во партијата немало ништо такво. – Не сум учествувал, ниту имаше нешто такво, изјави Илиовски.

На прашање од обвинителката, дали бил прекршен Деловникот со сите тие реплики и контра реплики, Илиовски, рече дека никој не може да му го одземе тоа со Устав гарантирано право.

– Не е прекршен Деловникот. Одговорно тврдам, бидејќи мене како пратеник, ми е должност да ги искажам ставовите на граѓаните кои ме избрале, изјави Илиовски.

На денешното рочиште, на предлог на одбраната на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, беа сослушани и пратениците Илија Димовски, Благој Деспотовски, Весна Дамчевска Илиевска и Весна Пемова.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“